Search

Бесими-Камер: РС Македонија има стабилни политики и продолжува по тој курс

РС Македонија ја задржува макроекономската стабилност и опстојува на реформскиот процес, истовремено справувајќи се со предизвиците од енергетската и ценовната криза. Минатата година ваквите политики овозможија ММФ да обезбеди пристап до Инструментот за претпазливост и ликвидност, со цел справување со кризата и одржување стабилност на среден рок. Кризата се менаџира од страна на Владата и се одржуваат јавните финансии стабилни, а кризата ги стави високо на приоритетната листа прашањата за обезбедување енергетска ефикасност, диверзификација на изворите на енергија и одговор на климатските промени.

Ова беше посочено на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорот на одделот за Европа во ММФ Алфред Камер, одржана на маргините на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка, што се одржува во Тиват, соопшти МФ.  

– Спроведовме значајна реформа во управувањето со јавните финансии. Донесен е новиот Закон за буџети и веќе се работи согласно поставените фискални правила во него, односно тие се преточуваат во буџетот и фискалната стратегија, со постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит, истакна министерот Бесими.

Министерот истакна дека како дел од новиот концепт во јавните финансии е и даночната реформа, а која е позитивно оценета и од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка и Европската комисија.

– Даночната реформа значи воспоставување нов модерен и правичен даночен систем, со ревидирање на даночните преференцијали. Законските решенија на ко работевме минатата година и кои беа утврдени низ широк инклузивен процес, се веќе доставени во Собранието, каде се очекува усвојување во најбрз можен рок, посочи министерот.

Осврнувајќи се на кризата и потребата од фискална поддршка за надминување на предизвиците што произлегуваат од неа, Бесими истакна дека дел од активностите што се насочени кон енергетска ефикасност и диверзификација на енергетските извори имаат забрзана динамика и дека тоа во иднина ќе ја намали потребата од директна поддршка од буџетот. Справувањето со предизвиците кои произлегоа од енергетската криза и оние што ги создаваат климатските промени се дел од приоритетните политики на Владата во наредниот период и ќе бидат составен дел од буџетската политика. За таа цел се бара и пристап до програми на меѓународните финансиски институции и фондови коишто ќе ја забрзаат  енергетската транзиција и ќе влијаат на климатските промени.

На средбата присуствуваше и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува, исто така на состанокот на Конституенцата во Тиват.

Покрај средбата со Камер, министерот Бесими во Тиват ќе оствари средба со заменик-претседателот на Светска банка Антонела Басани и Алфонсо Гарсиа Мора, регионален заменик-претседател во ИФЦ.

Во рамки на состанокот на Конституенцата, министерот Бесими  утре ќе учествува на панел дискусијата на тема „Стремеж за економска стабилност/Фискална консолидација и затегнување на монетарната политика – кој е оптималниот микс на политики?“. На темата ќе дебатираат гувернерите  на централните банки на Молдавија, Ерменија и Романија, а свои обраќања ќе имаат и Клас Кнот претседател на Банката на Холандија и Алфред Камер директор на одделот за Европа во ММФ.

Треба да знаете
Последни објави