Search

Јолевски: Изборот на обвинители во сите обвинителства ќе го завршиме пред одморите 

Да расчистиме со Основните обвинителства, да видиме колку ќе се пополнат, во кои обвинителства, а потоа ќе избереме и во Обвинителството за организиран криминал и корупција и Вишото Јавно обвинителство. Сето ова сакаме да го завршиме пред одморите, изјави претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Во изјава за медиуми по денешната 80. Седница на која беа избрани нови 18 обвинители во 12 обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип, Јолевски истакна дека остануваат уште десет неизбрани обвинители. 

– Избрани се 18, десет останаа неизбрани. Дел од нив не се јавија, многу мал дел, поголемиот дел се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. Куманово, кое е на два чекори од Скопје никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува, рече Јолевски.

Тој информираше дека празно остана само Јавното Обвинителство во Крива Паланка. 

– Гевгелија, Делчево и Ресен останаа со по еден обвинител кој до крајот на годината ќе замине во пензија, а распишавме оглас, никој не се јавува. Тие се обвинителства кои сѐ додека постои ваквата организациона поставеност, треба да бидат пополнети, рече тој.

Во врска со огласот за ОЈО ГОКК и Вишото јавно обвинителство рече дека имаат веќе завршени огласи за по двајца обвинители и најави дека наскоро ќе има оглас и за Основното Јавно обвинителство во Скопје и дека по сите огласи планираат да биде одлучено пред одморите.

– Јас не мислам да чекаме да завршат одморите, тоа ќе биде префрлање на топката до недоглед. Мора да одиме на одмор со веќе завршена работа, рече тој. 

На прашањето за биографијата на кандидатот Барлет Џафери, за кого ДКСК објави дека положил правосуден испит пред да дипломира, Јолевски рече дека целосната документација што е потребна за кај нив е важечка, а за останатото, според него, требало да се погрижат другите надлежни институции.  

– Целосната документација што е потребна за кај нас ја има и е важечка, ние не можеме да се впуштаме во тој дел, не е наша надлежност. Оние институции кои треба да се грижат, би требало да интервенираат доколку сметале дека нешто не е во ред. Министерството за образование, Министерство за правда, кога полагале правосуден испит, ниту еден досега нема поведено постапка, ниту, колку што знам, ДКСК го има затворено предметот како предмет, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави