Која е Марија Габриел, кандидатка за премиер на Бугарија?

„Паметна, згодна, образована, интелигентна, повеќејазична“. Со овие зборови лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов ја опиша Марија Габриел, кандидатка на неговата партија за нов премиер на Бугарија. ГЕРБ освои најмногу гласови на последните избори и сега Борисов јавно ќе го претстави кандидатот за иден бугарски премиер, откако претседателот Румен Радев соопшти дека на 15 мај ќе го додели првиот мандат на победничката коалиција ГЕРБ-СДС.

– Наш кандидат за премиер ќе биде бугарската еврокомесарка Марија Габриел – соопшти Борисов од говорницата на Националното собрание.

Koja e Марија Габриел?

Родена на 20 мај 1979 година во Гоце Делчев. Во 1997 година завршила јазична гимназија во Ќустендил. Во 2001 година дипломирала бугарски и француски јазик во Пловдив, а во 2003 година магистрирала на Компаративна политика и меѓународни односи во Бордо, Франција. Од 2004 до 2008 година, Марија Габриел работи како истражувач асистент во Институтот за политички науки во Бордо.

Од 14 јули 2009 година Марија Габриел е член на Европскиот парламент од ГЕРБ, во групата на Европската народна партија (ЕПП). На 4 јуни 2014 година, таа е избрана за заменик-претседател на групата на ЕПП во Европскиот парламент, позиција на која беше до 16 јули 2017 година. Во Европскиот парламент, Марија Габриел била член на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи, на Комисијата за надворешни работи, на Комисија за правата на жените и за родова еднаквост и на Поткомитетот за човекови права.

Пет пати била шеф на делегации на Европскиот парламент за набљудување на изборите – во Танзанија, Судан, Нигерија, Сиера Леоне и во Јордан – а седум пати била набљудувач во изборните мисии на Европскиот парламент во Хаити, Чад, Киргистан, Того, Бурунди, Буркина Фасо и во Уганда.

Како европратеничка, Марија Габриел има добиено повеќе признанија. Во 2012 година, Марија Габриел е избрана за потпретседател на Европската народна партија (ЕПП) – Жени. Во 2019 година е избрана за прв потпретседател на Европската народна партија (ЕПП).

Од 7 јули 2017 година до 1 декември 2019 година, Марија Габриел е европски комесар за дигитална економија и општество во Европската комисија со претседателот Жан-Клод Јункер. Од 1 декември 2019 година, таа е еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади во Европската комисија со претседателката Урсула фон дер Лајен.

За нејзината работа како еврокомесар, Марија Габриел е добитник на многубројни награди. Во 2018 година, таа ја добива италијанската награда Златно јаболко на Фондацијата Мариса Белисарио за женска извонредност. Во 2019 година е наградена со францускиот медал „Бомарше“ на Друштвото на автори и композитори во областа на драмската уметност, за нејзиниот придонес во заштитата на интересите на европските уметници преку иницијативите и политиките на ЕУ, вклучително и усвојувањето на авторските права.

Во 2018 година, Марија Габриел е наградена во категоријата „Талент во политиката 2018“ на годишниот натпревар Француски жени со влијание. Наградата се доделува на жени кои се докажале во својата област од различни сфери на политичкиот, економскиот и јавниот живот, спортот и медиумите. 

Треба да знаете
Последни објави