Search

ДИЦ го продолжува штрајкот, ако до петок не добие позитивен одговор ќе се менуваат датумите за државна матура 

Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) го продолжува штрајкот почнат минатиот вторник затоа што не добиле согласност од Министерството за финансии за нивниот колективен договор со кој ќе им бидат зголемени платите. Повикаа Министерството сериозно да ги сфати и до петок да добијат позитивен одговор затоа што, во спротивно, ќе мора да се менува календарот за сите процеси за кои е надлежен ДИЦ и датумите за полагање на државната матура која треба да почне на 27 мај.

Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација во која членуваат сите 29 вработени, денеска на прес-конференција соопшти дека од Министерството за финансии телефонски ги известиле дека „жалат што имаат толку ниски плати“ и наместо нивниот колективен, како поповолен им го предложиле Законот за административни службеници.

-Но тој е далеку од нашето барање. Ако се прифати понудата за Законот за административни службеници, илјада денари е зголемување за советниците, а на добар дел со минимална плата во ДИЦ, кои се клучни во работата, нема да им се промени платата. Затоа ова нема да го разгледуваме ни како опција. По обидот повторно да бидеме игнорирани и неудостоени со одговор на нашето барање, ДИЦ имаше седница на Собрание на синдикатот и едногласно одлучи штрајкот да продолжи, изјави Бошковска. 

Појаснувајќи зошто за нив е неприфатлива понудата од Министерството за финансии, таа рече дека главна надлежност на ДИЦ е да се грижи за квалитетот на образованието во државава, а Законот за административни службеници не го предвидува тој дел односно делот на образование на сите вклучени во институцијата. 

Дваесет и девет вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) од вчера се во генерален штрајк зашто не добиле согласност од Министерството за финансии на нивното барање за зголемување на платит

-Бевме одамна свесни за тоа и една од причините зошто се задржавме на наш колективен е тоа што сме посебни како институција и вработените се со поинаков начин на обука, затворен е системот, малку вработени се, за да нема пробивање на тестови, високоодговорни задачи за секој од нив и повеќе процеси за еден човек, рече Бошковска.

Ги зеле предвид сите одговорности што ги имаат во овој период и со оглед на календарот и закажаните испити го повикаа Министерството за финансии, како што рече, „сериозно да нѐ земе предвид кога ги донесува одлуките и до петок да добиеме позитивен одговор за да може воопшто да се реализира матурата со овие датуми“.

-После петок, какви било преговори ќе треба да се однесуваат на промена на календарот и измена на датумите за матура. Не би сакале да дојде до тоа, но и тоа е опција. Ќе бидеме трпеливи. Матура ќе има, ние не сакаме да оштетиме никого, и сите процеси сакаме да ги реализираме, но ќе мора да се менува календарот. Сепак, во интерес на учениците е ова да биде што побрзо и да не менуваме датуми, апелираше Бошковска.

Дваесет и деветте вработени бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Речиси половина од нив, 11, примаат околу 20.100 денари, а советниците кои, како што велат, се стожерот на ДИЦ, добиваат плата од 26 илјади денари.  

Од штрајкот на ДИЦ се засегнати 15 620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита. Исто така, стопирано е и меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4900 ученици во 150 основни училишта. 

Треба да знаете
Последни објави