Search

Бајдевски: Институциите создадоа услови медиумите слободно да известуваат, заеднички да се бориме против лажните вести

Заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски во интервју за 24 Инфо вели дека владината политика има само еден наратив – слободни медиуми и професионални новинари, ослободени од влијанијата и стегите на политиката.

Македонија бележи напредок од 19 позиции на ранг листата на „Репортери без граници„. Колку Владата и државните институции имаат заслуга за се ова ?

Најнапред вам како новинари и пред се на сите медиуми во нашава земја да ви го честитам денешниот ден, 3 мај, Светскиот ден на слободата на печатот, кој точно пред 30 години, во 1993 година, беше прогласен со одлука на Генералното собрание на ООН. Точно е дека како држава бележиме напредок од 19 позиции на глобалниот индекс за слободата на медиумите, според истражувањето на „Репортери без граници“, во однос на минатата година. Но, мислам дека поважно е да напоменеме дека имаме континуирано напредување на таа листа, споредено со годините наназад. Ако во 2016 година, од вкупно 180 земји сме биле на 118-то место, ако во 2019-та година сме се искачиле на 95-та позиција, минатата година на 57-то место и сега на 38-та позиција, тоа јасно укажува на определбата на оваа влада да создава амбиент во кој медиумите слободно ќе размислуваат и слободно ќе творат. Ние во моментов како држава сме најдобро позиционирани во регионот. Само како споредба, ние сме пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64) и Србија (91) и Албанија (96). Нашиот стремеж е преку демократскиот амбиент да покажеме дека медиумите полека, но сигурно го враќаат угледот кој треба да го имаат во едно општество. Институциите сериозно помогнаа во сето тоа, создавајќи основа за нивно слободно и успешно функционирање.

Во извештајот се нотира дека „продолжува и тенденцијата владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите„. Како ова да се надмине ?

Нашата владина политика има само еден наратив – слободни медиуми и професионални новинари, ослободени од влијанијата и стегите на политиката, партиите или институциите. Видовме во едни поинакви времиња како поинаку тоа функционираше. Не залудно ја споменав 2016 година, кога сме биле на 118-то место на листата за слобода на медиумите. Тогаш медиумите се самоцензурираа стравувајќи од притисоци и влијанија од спрегите на тогашната власт, некои трпеа и големи штети само заради поинакво мислење од мислењето на власта, трети беа затворани итн. Денес таа слика ја немаме. Нема веќе поделба на релевантни и нерелевантни медиуми, нема поделба на подобни и неподобни. Сите медиуми се подеднакво важни и потребни и националните и локалните, бидејќи секој од нив има своја публика. Сите новинари заслужуваат почит, поддршка и да се цени нивниот труд. Се спротивно на тоа се коси со демократските вредности на нашето општество. Она што би сакал да го потенцирам е сите заеднички да застанеме во борбата против лажните вести, да знаеме да ги препознаеме и да ги елиминираме. Одредени субјекти особено станаа продуктивни во креирањето на лажни вести во периодот по руската инвазија врз Украина, цел свет се бори против нивното ширење, но се надеваме дека сите засегнати страни ќе можат и ќе успеат во надминувањето на оваа девијантна појава пред се кај онлајн медиумите и социјалните мрежи.

Што вие како државни институции можете да преземете и што ќе преземете за натамошно унапредување на слободата на изразување ?

Степенот на демократичност на една држава, како и слободата на изразувањето во општественото комуницирање се мери според степенот на слободата на медиумите. Тоа е факт ! Нашата интенција е да создадеме простор во кој преку политиките и законските решенија медиумите ќе можат својата професионалност да ја издигнат на уште поголемо ниво, да творат слободно согласно општествената одговорност која ја имаат. Во таа насока е и спроведувањето на проектот на МИОА во координација со ЕУ за слобода на изразување „Усогласување на националното законодавство за медиуми со легислативата на ЕУ и медиумските стандарди„, кој треба да финишира кон крајот на годината. Покрај другите компонентни проектот го опфаќа и унапредувањето на слободата на изразување во медиумите. Настојуваме и како министерство и како Влада во целина да создадеме простор во кој медиумите ќе се саморегулираат, а не да бидат регулирани, општество во кое новинарите и уредниците ќе творат според етичките, моралните и професионалните стандарди, а не со самоцензура или партиско-политички влијанија врз нив. Тоа е потребно заради зацврстувањето на севкупната слобода и демократијата во нашето општество.

Треба да знаете
Последни објави