Search

Командата за обука и доктрини, со воена свеченост во касарната „Алексо Демниевски Бауман” во Велес, го одбележа 15 април -Денот на единицата

Пред присутните свое обраќање имаа началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на КОД, полковник Васко Коколански.

         Генералот Ѓурчиновски честитајки им го денот на припадниците на оваа команда, во своето обраќање истакна дека ова е еден од особено значајните датуми во историјата не само за Командата за обука и доктрини, туку и за Армијата, бидејќи денес се одбележува 31 година од пополнувањето на касарните и армиските состави и отпочнување со обуката, со што официјално Армијата почна да функционира.  

         Притоа тој истакна дека постигнувањата на оваа команда, но и на Армијата се резултат на вложениот труд на многу генерации. Нашата обврска останува, согласно можностите, да обезбедиме подобри услови за извршување на задачите на следните генерации, кои треба да бидат двигатели на понатамошниот прогрес.

         Пред стројот се обрати и командантот на КОД, полковник Васко Коколански кој истакна дека во процесот на имплементација на НАТО стратегиите, концептите и стандардите потребно е прилагодување на современите побарувања, кое ќе се постигнува со јакнењето на капацитетите и способностите на оваа команда како дел од нејзината мисија.

         Притоа, во својот говор се осврна на поважните историски моменти од развојот на оваа команда, како и за постигнатите резултати во делот на надлежностите на единицата во процесот на едукацијата, обуката и воените нормативи.

         Во оваа команда во изминатиот период, теоретски и практично се обучуваа 500 нови професионални војници, 300 новопроизведени подофицери, а низ програмите за обука беа опфатени и голем број на офицери, особено во изучување на англискиот јазик. Воедно КОД активно учествуваше во поддршка на обуката при изведување на сите поголеми национални и меѓународни воени вежби.

            Во рамки на свеченоста беа соопштени стимулативни мерки на повеќе припадници на КОД за остварените резултати во работењето, а се доделија и признанија на организациите и екипите кои учествуваа во натпреварите организирани по повод денот на единицата.

         Свеченоста беше збогатена со литературно читање на поема, која беше избрана за најдобра творба на конкурсот за избор на поема на тема: „Да се биде војник“, која беше организирана од ООУ „Блаже Конески“- Велес. На крај присутните имаа можност да ги погледнат ликовните творби кои беа изработени од страна на учениците од ООУ „Васил Главинов“- Велес.

         На прославата присуствуваа команданти на единици од Армијата, претставник од кабинетот на претседателот, воени раководители од Генералштабот, Министерството за одбрана, воената Академија и претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата.

         Командата за обука и доктрини го одбележува 15 април, како носител на традициите на пристигнувањето на првите регрути на отслужување на воениот рок.

           Во далечната 1992 година, Панче Јамандиев од Велес е првиот регрут кој е пријавен во гарнизонот во Охрид, како еден од младите лица кои по два и пол месечна обука, беа упатени да ги пополнат граничните единици, единиците на воената полиција и во други единици да ги извршуваат своите должности.

Треба да знаете
Последни објави