Search

Советниците утре треба да се согласат Владата да ја преземе Универзална сала

Иницијативата за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Универзална сала од Град Скопје на Владата, конечно се најде на дневен ред на на градскиот Совет и советниците за неа треба да се изјаснат на утрешната седница. Советничката група на СДСМ и коалицијата, овој пат ја поднесува поткрепена со писмото за намера кое министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска го испрати до координаторите на советничките групи пред еден месец, а со кое се бара времено да се отстапи објектот до завршување на реконструкцијата.

Имајќи предвид дека и за досегашната реконструкција средствата беа обезбедени од Владата на РСМ, кои не се доволни за довршување на реконструкцијата, со Иницијативата предлагаме Советот да донесе Одлука за времено отстапување на корисничкото право на објектот на ЈУ Универзална сала од Град Скопје на Владата на РСМ, согласно Законот за користење и располагање на ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост и Законот за градење. Со Одлуката ќе се регулира отстапувањето на корисничкото право, кое ќе биде од времен карактер, до завршување на реконструкцијата, по што Град Скопје ќе си го врати корисничкото право – се вели во Иницијативата.

За реализација на одлуката неопходна ќе биде промена на инвеститорот, од Град Скопје на Владата на РСМ, за што ќе биде потребно да се склучи посебен договор со кој ќе се регулираат правата и обврските на двете страни.

Доколку советниците утре ја прифатат Иницијативата, тогаш градоначалничката Данела Арсовска, Секторот за правни работи и Секторот за урбанизам и планирање во рок од 7 работни денови треба да подготват предлог-одлука за времено отстапување на Универзална сала и да му ја достават на Советот на првата наредна седница за усвојување, а по усвојувањето на Одлуката, во рок од 7 дена да подготват Договор за промена на инвеститорот, од Град Скопје на Владата на РСМ.

Реконструкцијата на Универзална сала, која е затворена за посетители веќе 7 години, е запрена откако пред една година Арсовска укажа дека проектот по кој се работи има грешки и дека треба да се направат корекции. Проблем се и финансиите, кои според градоначалничката, Владата ги обезбедила само за фасадата, а не и за внатрешноста на објектот. Доколку се усвои Иницијативата, има надеж дека реконструкција ќе продолжи, по што објектот повторно би бил во функција.

На дневен ред на утрешната седница е и Иницијативата поднесена од советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија , со која се бара ЈП „Градски паркинг” да обезбеди можност за паркирање на лица со попреченост под исти услови независно од нивното место на живеење и да ја прошири листата на дијагнози на лица со попреченост кои се сметаат за прифатени при стекнување на право за повластено користење.

Доколку се прифати иницијативата „Градски паркинг“ треба да изготви и донесе измени на Програмата за повластено користење на паркинг услуга на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање .

Бараме усвојување на оваа иницијатива и на предложениот заклучок од причина што на ден 16 март 2023 година, јавноста беше запознаена со случај каде се казнуваат за непрописно паркирање лица со попреченост кои го посетуваат Град Скопје од некој од другите градови во Република Македонија, и се паркираат на места означени за лица со попреченост, при уредно платен надоместок за паркирање. Како град на солидарноста, но и град кој претставува административно-економски центар на државата, примерно е од Град Скопје да обезбеди на лицата со попреченост од сите градови во државата под исти услови да ги користат специјално наменетите места за вакви лица на јавните паркиралишта – стои во образложението на Иницијативата.

Треба да знаете
Последни објави