Search

Костадиновска-Стојчевска: Со Ван дер Белен се согласивме, престојната изложба на МСУ во Виена дава нова светлина на односите во културата 

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, кој е во официјална посета на Република Северна Македонија, ја посетија Старата скопска чаршија.

За време на кратката прошетка, австрискиот претседател имаше можност да се запознае со повеќе сегменти од историското минато и со културно-историските споменици градени низ вековите околу овој потег на градот.

Костадиновска-Стојчевска и Ван дер Белен ја посетија и Мурат-пашината џамија, како и Капан ан, а претседателот на Австрија се запозна и со родното место на Мајка Тереза и со придонесот на нашата држава во негувањето на универзалните хумани вредности за кои се залагаше оваа светица. Делегацијата беше информирана и за историјата на Камениот мост, а го посети и Даут-пашиниот амам, каде што се запозна со дел од македонската современа уметност. 

Костадиновска-Стојчевска го информираше австрискиот претседател дека во престижниот простор Кунстхале во Виена (кој е дел од „Музеум Квартиер”), еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложба со дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност од Скопје.

„Оваа изложба, која е работена во соработка со престижниот виенски музеј и со светски познати куратори, дава нова светлина во соработката во областа на културата помеѓу двете земји, кои традиционално одржуваат добри односи, и е патоказ кој нуди нови можности за натамошната соработка, користејќи ги современите движења”, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа упати покана, претседателот на Австрија со своите соработници да присуствува на свеченото отворање на оваа изложба, која е резултат на соработката меѓу уметничките институции на Северна Македонија и на Австрија.

Треба да знаете
Последни објави