Search

Државата соочена со незапирлив тренд на одлив на работна сила-има место за домашните и за работниците од странство

Во Северна Македонија има доволно место за домашните како и за работниците од странство, но за прашањата како што е увозот на работна сила, мора транспарентно и обемно да се разговара зашто е подобро да бидеме подготвени, отколку затечени од недостигот на работна сила.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е на став дека тие што сметаат дека нашата држава дава подобри услови за живот, ќе го најдат патот, исто како нашите сограѓани кои веруваат дека поквалитетен живот можат да најдат во Западна Европа.

Според него, долгорочните решенија, сепак, се бараат кај нашите граѓани кои мора да ја сфатат нужноста од преквалификација и доквалификација зашто некои работни места од пред 30 години, веќе не постојат.

-Сум кажал дека долгорочните решенија ги бараме кај нашите граѓани. Мора да сфатиме дека доживотното учење не е само на хартија и на зборови, туку треба да се докфалификуваме и реквалификуваме, да сме во тек со работните места кои се отвораат. Работни места кои постоеле пред 30 години, веќе ги нема, се бараат нови вештини и знаења. Владата никогаш не била тука да носи некого на грб, туку креира можности. Нуди законски можности, елиминирање на бирократските процедури, креира можности секој да си го најде местото. Веќе 3 000 и нешто од квотата 5 000 е затворена. Ддодека ние зборуваме приватниот сектор ги наоѓа решенијата сами, вели Битиќи.

Во насока на задржување на домашните работници е и фактот што државата успеала да ја промени перцепцијата на странските инвеститори за зоните и перцепцијата дека земјата е дестинација со евтина работна сила.

-Сега странските инвеститори одлучуваат да вложуваат во нашата земја не поради ниските плати на вработените, туку поради другите поволни услови за бизнис што ги нудиме како земја. ТИРЗ покажаа извонредни резултати минатата година, а овој тренд очекувам да продолжи и во 2023 година. Нема подобра потврда дека земјата се движи во вистинска насока од отворањето на нови работни места, капиталните инвестиции, зголемувањето на пензиите и поддршка на граѓаните, компаниите, субвенции за земјоделците и нови странски инвестиции, бели Битиќи.

Како што посочи вицепремиерот, растот на извозот и на работните места продолжил и оваа година. Месечната анализа во февруари покажала дека компаниите во ТИРЗ реализирале извоз од над 330 милиони евра што е за 20 проценти повеќе од јануари годинава, за 26 проценти повисок од 2021 година и за 53 проценти во однос на 2020 година. Бројот на вработени во јануари забележал раст и сега е на ниво од 16.500 вработени. Само во првите два месеца од годинава во компаниите во ТИРЗ зоните отворени се речиси 190 нови работни места.

Статистиката, пак, покажува дека се намалува бројот на активно и работоспособно население во земјава- во 2022 во 2021 бројот на активно население е намален за скоро 12 000.

Новата Анкета за работна сила на Заводот за статистика покажува дека лани во споредба со 2021 бројот на активно население е намален за 11 814 а на работоспособно за 4 241 – бројки кои според експертите покажуваат дека државата се соочува со незапирлив тренд на одлив на работоспособно и пред се наталитетно население кое треба да биде столб и на економија и на демографијата.

Податоците покажуваат дека годишно ниво во апсолутни бројки се намалува бројот на невработени но и бројот на вработени кој во 2022 та во однос на 2021 та е намален за скоро 1 500. Пописот 2021 ги “стопи” бројките за вкупниот број на вработени во државата кој се спушти под 700 000. Така лани во земјава биле вработени 692 034 лица, од нив 515 425 се во приватен сектор а останатите во фирми со државна или друга мешовита сопственост. Најголем број на вработени во приватниот сектор апсорбираат дејностите во кои има најголем дефицит на кадар, односно од каде има и најголем “извоз” на работна сила.

Во приватниот сектор, преработувачката индустрија е водечка,  лани вработувала 134 568  а на второ место е трговијата со 107 252,  земјоделството со 66 636, а 42 297 работат во градежништво и 23 162 во хотелско-угостителски сектор.       

Од Владат сериозно размислуваат во насока на понатамошна либерализација на процедурите за стекнување со дозвола за престој и дозвола за работа на странски државјани.

-Тука секако нема да одиме со отворање на целата економија за странски работници, но според првичните анализи кои ги имаме, и секако според податоците од изминатите неколку години за барањата на странските работници, посебно во кои сектори и од кои земји доаѓаат, мислам дека веќе е време да се реагира во насока на отворање на патот за странски работници кај нас, посебно во дејностите како градежништво и угостителство каде од неколку причини изминативе години имаме се поголем недостаток на работници. Нашата економија нема потреба само од ИТ инженери и работници кои се потребни на ИКТ индустријата, туку има една подолга низа на високо квалификувани профили за кои понудата на работна сила кај нас е многу ограничена или воопшто ја нема.

Така  57 отсто од невработените регистрирани како активни баратели на работа сила во Агенцијата за вработување се со незавршено или со основно образование. Над 17 проценти се со незавршено или завршено средно образование или скоро 75 посто од активните баратели на работна сила кои имаат до средно образование. Со нив треба да се работи на преквалификација или и доквалификација за одредени работни работни места бидејќи во 2022 година се исплатени рекордни 23 милиони евра државна поддршка на 410 компании. 

Бизнисот бара либерализација на увозот на работна сила, фирми од градежниот сектор, трговијата, угостителството алармираат дека се соочуваат со недостиг на работна сила – подготвени да ја увезат од странство. 

Од Стопанската комора на северозападна Македонија побараа од Владата да ги измени условите за влез на работа сила од странство а  либерализацијата да важи за Косово.

Со стратегијата на носење на работна сила, да се зголеми конкурентноста, а тоа е прв момент кон зголемување на продуктивноста. Во нашата земја веќе имаме работници од Индија кои работат во автоиндустрија и во секторот за информатичка технологија. Исто така и во делот во градежништвото имаме работници од источна Турција, а на автопатот Кичево кон Охрид каде се ангажирани работници од Кина.

Треба да знаете
Последни објави