Search

Ковачевски: 27 март е денот кога С.Македонија ја запечати својата безбедносна иднина

„Горд сум што можам денеска исправено пред вас да се обратам како Премиер на земја која пред три години, токму на денешниот ден – 27 март, оствари една од нејзините стратешки цели – станавме членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО алијансата. 27 март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никој. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и забрзано“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на свеченоста по повод годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и Денот на НАТО.

Тој додаде дека оваа годишина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку е момент во кој престанавме да бидеме точна на дневен ред на безбедноста и седнавме на масата која го создава дневниот ред за светската безбедност.

„Нашата национална одлука за членство во Алијансата, ги проби бариерите на партиите, религиите и народите, и не’ обедини. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската Унија“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека НАТО заштитува, обединува и заврстува и дека да се биде НАТО е силна гаранција на нашата територија и безбедност.

„Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните. Да се чува нашиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за безмалку една милијарда луѓе, кои живеат во заеднички демократски вредности“ рече Ковачевски.

Треба да знаете
Последни објави