Search

Игра на моќ: Зошто принцот Хари се појави во суд?

Војводата од Сасекс денес неочекувано се појави во Високиот суд додека започнува правната постапка во случајот повреда на приватноста. Принцот Хари е меѓу неколкуте личности од висок профил што ги тужат „Асошиејтед њузпејперс“, издавачот на „Дејли мејл“, поради наводно прислушување телефони и повреда на правото на приватност.

„Во битката меѓу принцот Хари и Associated Newspapers, личното појавување на принцот во судот изгледа како ултимативна игра на моќ,“ пишува Би-би-си.

„Принцот фрли ракавица на група весници за која верува дека животот му го направила пекол и која, како што тврди тој и другите, користела нелегални средства за да го стори тоа.“

Неговото денешно појавување пред Високиот суд во Лондон изненади многумина.

Но, тоа беше помалку шок за секој кој ги следи неговите правни битки со медиумите, особено „Дејли мејл“ и „Мејл он сандеј“.

На крајот на краиштата, Хари вети дека ќе ја направи реформата на печатените медиуми негова „животно дело“.

„Доколку сакате да ги сфатите неговите приоритети, ова е тоа: принц, кој се отуѓи од своето семејство и сега живее на повеќе од 8.000 километри од Лондон, кој долетува од Лос Анџелес за да помине низ историските врати на Кралскиот суд на правдата и да влезе во судот 76,“ пишува Кејти Разел, уредник во Би-би-си.

„Се уште не знаеме дали ќе присуствува на крунисувањето на својот татко. Знаеме дека тој сака да биде присутен во судот за она што е навистина рана фаза на овој конкретен случај.“

„Принцот Хари не бира зборови кога се во прашање медиумите. Во својата автобиографија, тој се осврнува на ‘ужасна гомила клипани и старешини и скромни криминалци и садисти со клиничка дијагноза долж Флит Стрит’.“

Фасцинантна е и реакцијата на печатените медиуми на неговото доаѓање.

„Сан онлајн“ ја објави приказната на врвот на својата веб-страница, со наслов „Ден на суд. Насмеаниот Хари ненадејно се појави во Лондон…“.

„Тајмс“, „Гардијан“ и „Телеграф“ исто така ја објавија приказната на своите дигитални услуги.

„Меј онлајн“ имаше други приоритети за вести.

Корисниците мораа да скролуваат многу надолу по „Мејл онлајн“ за да ја најдат приказната за појавувањето на војводата на суд поради како што самиот „Мејл“ ги нарече ‘наводите за хакирање’ против својата матична компанија.

Технички, хакирањето всушност не е сè. Тврдењата се многу пошироки.

Случајот се уште не е стигнат до судење. Оваа недела е во знак на правни аргументи. Доколку има судски процес, тоа ќе биде многу значаен момент.

Седумте тужители (не само принцот Хари, туку и сер Елтон Џон, Дејвид Фурниш, бароницата Дорин Лоренс, Сејди Фрост Ло, сер Сајмон Хјуз и Елизабет Харли) наведуваат сериозни криминални активности на Associated Newspapers.

Ако е вистина, ова е уште полошо од хакирање телефон.

Обвинувањата вклучуваат употреба на уреди за прислушување поставени во автомобилите и домовите на овие луѓе, тајно слушање приватни телефонски повици додека се случувале, лажно претставување на луѓе за да добијат приватни информации и други груби кршења на приватноста, според адвокатите на тужителите.

Associated Newspapers категорично го негира сето ова и вели дека енергично ќе се брани доколку тоа се покаже неопходно.

На предсудското рочиште оваа недела се расправа дали случајот може да продолжи и дали може да се користат доказите на кои се потпираат тужителите.

Денес не се појави само принцот Хари. Со бележник и шише вода на масичката пред него, тој седна две с,места подалеку од својот колега тужител Фрост Лоу. Попладнето присуствуваа и сер Елтон и бароницата Лоренс.

Со оглед на сериозноста на тврдењата и високиот профил на инволвираните, постои огромен интерес за ова рочиште – и нема доволно простор во судот да ги собере сите, пишува Кејти Разал од Би-би-си.

Таа открива дека на некои новинари, уредници и продуценти им била дадена дозвола да ја следат постапката од далечина, преку видео врска, под строга судска наредба.

Треба да знаете
Последни објави