Search

Празнични колачи, пити и кифлички ќе се месат со поевтино брашно

За престојните верски празници Велигден и Рамазан Бајрам граѓаните ќе може да си приуштат богата традиционална трпеза по замрзувањето на цените на неколку производи. Ако верниците од православна вероисповест ќе вапцаат јајца по стари цени, радува информацијата дека е најавено намалување на цената на брашното- па кифлички, пити и погачи ќе месат сите.

Во својата последна мерка, Владата ги замрзна цените на јајцата и оризот, а беше најавено дека истото ќе следи за брашното и шеќерот доколку пазарот сам тоа не го стори.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека од следната недела поевтинува брашното, но не со владина мерка, туку преку неформална обврска која си ја зеле производителите.

-Денеска бев информиран дека од наредна недела ќе следи дополнително намалување на цената на брашно од нашите производители! Нашата држава има општествено одговорни компании, објави министерот на социјалните мрежи.

Бектеши уверува дека нема да дозволи зголемената побарувачка да ги крене цените за време на претстојните празници.

Сепак, дали ќе има намалување на цената од следната недела зависи од конкуренцијата во регионот и од берзанската цена.

-Од јануари до сега цената на брашното е намалена за околу 40 отсто и тоа како резултат на конкуренцијата на цените на брашното во регионот и падот на берзанската цена на брашното која последните две недели интензивно се намалува. Какви ќе бидат цените на брашното следната недела и во наредниот период ќе зависи токму од овие параметри – движењето на цената на берзите и од цената кај нашата конкуренција од регионот, а не од некакви ветувања на компаниите дадени на владини претставници на приватни средби,  вели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

Тој додава дека официјална средба на претставници на мелничката индустрија со министерот за економија немало и според тоа нема никакво ветување од нивна страна дека цената на брашното следната недела ќе се намали како резултат на таква средба.

– Како што реков и пред тоа, ние и без средба со него во изминатите неколку месеци во континуитет ја намалуваме цената на брашното бидејќи не можеме да опстанеме на пазарот со конкуренцијата од увозното српско брашно. Дополнително и берзанската цена во континуитет паѓа и ние мораме редовно да реагираме на тоа, ако сакаме да останеме на пазарот, вели тој.

Средба со министерот немале ниту мелничарите од Агро-бизнис комората на Сојузот на стопанската комора и според тоа како што велат немало никакви разговори околу цената на брашното од следната недела.

-Ние ќе го направиме се она со што може да се ограничи цената, а што нема да влијае на дисбаланс на пазарот, бидејќи потврдивме и покажавме дека може да се направи, а притоа да нема недостиг на пазарот, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Ние правиме анализи за сите производи, дел од тие анализи се готови, меѓутоа мора да бидат усогласени и со други министерства. Во моментот работат Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, нормално во соработка со производителите и со преработувачите, за да може да бидат донесени одлуки коишто ќе бидат добри и во интерес на граѓаните, меѓутоа и на вработените во фабриките што произведуваат, рече Ковачевски.

Тој додаде дека не може да се каже дека за една група на производи може да има една мерка, бидејќи, како што рече, во секој производ постојат артикли од коишто дел се произведуваат кај нас, меѓутоа дел се од увоз.

– Затоа и кога ќе ги видите мерките за лебот се знае на кои типови на леб цената е замрзната. Исто така, кога зборуваме за тестенини се знае за кои типови на тестенини е намалена цената за 15 проценти и исто кај млечните производи кај кој е намалена за 10 проценти, прецизира Ковачевски.

Треба да знаете
Последни објави