Search

Петровска: Ковачки шири невистини, покрај за хациендата, ќе добие тужба и за лагата за оперативците во Косово

Она што Драган Ковачки го има напишано на својот фејбук профил е дел од низата на лаги со кои тој се служи, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „360 степени“ прашана за информациите дека оперативци од земјава пратени по налог на Министерството за одбрана биле уапсени во Косово.

-Дали е целта личен напад врз мене за тоа дали јас сум неуспешна или успешна. Дали е целта да ги нападне своите доскорешни колеги, затоа што знаете дека тој беше припадник на Армијата и ја напушти за да биде пратеник во Собрание или одработува некоја трета агенда… тоа се прашања кои треба него да му ги поставите, кажа Петровска.

Таа додаде дека е невистина дека таа испратила такви оперативци од военото разузнавање што биле уапсени.

-Ковачки не се користи со точни информации. Министер не испраќа никој во оперативни активности на таа служба, рече Петровска.

Таа додаде дека веќе е поднесена тужба за наводите за „наводна нејзина хациенда“ и можеби оттаму потекнува нервозата кај Ковачки и дека тоа за него е веќе изгубен случај.

-Јас никогаш не сум се водела со место на живеење на таа адреса. Имам адреса на живеење во Радишани, но таа е на парцела веднаш до хациендата која ја покажува Ковачки, истакна Петровска, додавајќи дека и за тврдењето за уапсени оперативци на военото разузнавање испратени од нејзина страна на Косово ќе добие тужба.

Треба да знаете
Последни објави