Search

Почина легендата на Њујорк никс

Легендарниот капитен на генерацијата на Њујорк Никс која на клубот му ги донесе единствените две титули во историјата, во 1970 и 1973 година, Вилис Рид почина во вторникот на 80-годишна возраст.

Рид ги помина сите 10 години од својата професионална кошаркарска кариера во Никс, за кои играше од 1964 до 1974 година, и останува најпознат по неговото драматично излегување од тунелот Медисон Сквер Гарден непосредно пред почетокот на одлучувачкиот натпревар број 7 од плејофот во 1970 година и финалето против Лос Анџелес Лејкерс.

Пред тоа тој доби инекција во соблекувалната која ја ублажи болката во десната нога. Така повреден, Рид ги постигна првите четири поени на натпреварот, зграпчи три скока, а потоа излезе од играта и повеќе не се врати. Но, со своите постапки ја крена публиката на нозе и ги бодреше соиграчите на патот до победата од 113-99 со која ја обезбеди шампионската титула. Сè уште се смета за една од најпознатите сцени во историјата на кошарката.

Во 1970 година  Рид беше избран за најкорисен играч (МВП) и во лигашкиот дел од сезоната и во финалето на плејофот, а во 1973 година освои уште една награда за МВП на финалето. Во 1982 година, Рид беше примен во Кошаркарската куќа на славните.

По играчката кариера Рид работеше и како тренер, а од 1989 до 1996 година беше генерален директор на тогашниот Њу Џерси Нетс, а токму тој беше најзаслужен за трансферот на Дражен Петровиќ од Портланд Трејл Блејзерс во Нетс, каде што легендарниот капитен на хрватската репрезентација се етаблира како НБА играч и со своите настапи го отвори патот за останатите европски играчи кон најсилната лига во светот.

Треба да знаете
Последни објави