Search

Путин потврди дека со Џинпинг ќе разговара за мировниот предлог на Пекинг

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва ги проучувала предлозите на Пекинг за решение на конфликтот во Украина и е отворена за преговарачкиот процес.

Тој го истакна тоа на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг и посочи дека знае оти Кина поаѓа од принципите на правда и почитување на основните одредби на меѓународното право.

„Ние сме секогаш отворени за преговарачкиот процес и секако ќе разговараме за сите овие прашања, вклучувајќи ги и вашите иницијативи, кои безусловно ги почитуваме“, нагласи Путин.

Според рускиот лидер, односите меѓу Москва и Пекинг придонесуваат за зајакнување на мултиполарниот свет.

„Во целина, нашата интеракција на меѓународната сцена несомнено придонесува за зајакнување на основните принципи на светскиот поредок и мултиполарниот систем“, рече Путин.

Путин рече дека Москва и Пекинг имаат многу заеднички цели и задачи и посочи дека знае оти кинескиот претседател лично, како пријател на Русија, посветува големо внимание на развојот на кинеско-руските односи, пренесува Риа Новости.

Тој изрази уверување дека Кина под водство на Џинпинг ќе продолжи да се развива и да ги постигнува своите цели.

„Кина во последниве години направи колосален исчекор напред во својот развој и воспостави многу ефикасен систем на економски развој и зајакнување на земјата. Тоа предизвикува вистински интерес низ целиот свет, а ние дури и малку ви завидуваме. Сигурен сум дека под ваше водство Кина ќе преземе натамошни чекори во својот развој и ќе ги постигне целите што сте ги поставиле“, рече Путин.

Тој, исто така, истакна дека му е мило што може лично да му честита на Си за неговиот реизбор за претседател.

„Почитуван господине претседателе, драг пријател. Мило ми е што имам можност лично да ви честитам за вашиот реизбор за претседател на Кина. Тоа стана возможно благодарение на фактот што кинескиот народ и неговите претставници ја гледаат вистинската вредност на вашата работа во текот на изминатите децении“, рече Путин.

Џинпинг изрази уверување дека рускиот народ ќе го поддржи лидерот на Кремљ на претседателските избори во 2024 година.

„Знам дека следната година ќе има нови претседателски избори во вашата земја“, му рекол Џинпинг на Путин на почетокот на разговорите меѓу двајцата во Кремљ.

„Благодарение на вашето силно лидерство, Русија постигна значителен напредок во постигнувањето просперитет во земјата во последните години. Сигурен сум дека рускиот народ силно ќе ве поддржи во вашите добри потфати“, рече Џинпинг.

Тој изрази задоволство што е во посета на Русија. Истакна дека постои историска логика зад кинеско-руските односи и тие треба да бидат блиски. Кинескиот лидер изрази благодарност до Путин за руската поддршка за Кина.

Џинпинг, чии зборови беа преведени на руски, Путин го нарече „драг пријател“. Путин со истите зборови му се обрати на својот гостин. 

Треба да знаете
Последни објави