Search

Митинг на ДУИ во Чаир

Демократската унија за интеграција вечерва одржува митинг во спортската сала „Шабан Трстена“.

На митингот присуствуваат лидерот на партијата Али Ахмети, претседателот на Собранието Талат Џафери и владини министри од редовите на ДУИ.

Вицепремиерот Артан Груби пред почетокот на митингот изјави дека очекува масовно присуство. Кажа дека митингот е продолжение на собирите што ги имаше ДУИ Тетово, Гостивар, Желино, Врапчиште и други општини, и најави дека ќе продлжат и по другите ограноци на партијата низ државата. Груби демантира дека луѓето на митингот се дојдени под притисок. Вели дека собирот се одржува во убава атмосфера, спектакуларно и ќе бидат испратени убави пораки.

– Чаир е на на Али Ахмети и на ДУИ, кажа Груби, негирајќи дека станува збор за реваншизам кон Изет Меџити од „огнената група“. Додаде дека Меџити бил поканет, но, како што наведе, „на крајот на краиштата никој не се кани во својот дом“.

Изет Меџити кој ја претставува таканаречената „огнена група“ на ДУИ, пак, претходно изјави дека тој како претседател на чаирскиот огранок на партијата не е поканет на вечерашниот митинг.

Меџити, кој заедно со градоначалниците на Чаир и Град Скопје, Висар Ганиу и Данела Арсовска, присуствуваше на официјалното започнување на изградбата на Мега паркот, рече дека вечерашниот митинг на ДУИ му наликува повеќе на концерт имајќи предвид, како што наведе, „се носат звучни имиња од естрадата“.

Вечерашниот митинг во Чаир е прв голем собир на кој ќе се обрати Ахмети, откако двете „завојувани“ страни на ДУИ половина година оддржуваат паралелни собири.

Пред три недели во Чаир митинг одржа и фракцијата во партијата „огнената група“ на кој беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби.

Судирот во ДУИ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тоа го толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава за слични чекори и кон другите „непослушни“ координатори. 

Треба да знаете
Последни објави