Search

Конференција „30 години македонско-германски дипломатски односи

Во организација на Претседателскиот центар за политичко образование денеска во Скопје се одржа конференција на тема „30 години македонско-германски дипломатски односи: Билатерална соработка и развојна поддршка со Северна Рајна – Вестфалија”.

На отворањето на конференцијата се обратија Натанаел Лимински, министер за федерални, европски и меѓународни прашања и медиуми и шеф на државната канцеларија на Северна Рајна-Вестфалија, Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Борис Георгиевски, уредник на македонската редакција на Дојче Веле, како и Александар Љ. Спасов, советник за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.

Натанаел Лимински, министер за федерални, европски и меѓународни прашања и медиуми и шеф на државната канцеларија на Северна Рајна-Вестфалија во своето обраќање изрази  уверување дека партнерството меѓу Германија и Северна Македонија може да биде дел од сложувалката на членството во Европската Унија – во тој процес, и затоа како што рече е тука, сакајќи да придонесе за посилна заедница, за европскиот дух и за нашата взаемна доверба, меѓу Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија.

Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања рече дека Германија е еден од најголемите партнери и поддржувачи на нашите европски интеграции, а ја истакна и одличната соработка во областа на економијата. Тој се осврна на предизвиците на евроитегративниот пат на нашата земја во изминатите години и нотираше дека постојат три главни области во кои треба да испорачаме резултати заедно. Тој ги наведе домашните реформи и истакна дека дефинитивно фокусот е владеењето на правото, ефикасно судство, ефикасна борба против корупцијата, функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација. Вицепремиерот Маричиќ рече дека овие области, исто така, беа идентификувани во скрининг процесот со Европската Унија.
Борис Георгиевски, уредник на македонската редакција на Дојче Веле ги запозна присутните со историјатот на овој медиум и потсети на околностите и времето кога била формирана македонската редакција и говореше за улогата на Дојче Веле во развојот на македонско-германските односи.

Александар Љ. Спасов, советник за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, во име на Претседателскиот центар за политичко образование се заблагодари на учесниците на оваа конференција и говореше за пријателството и партнерството меѓу двете држави, за билатералните односи и нивниот развој во изминатите 30 години.

Конференцијата „30 години македонско-германски дипломатски односи: Билатерална соработка и развојна поддршка со Северна Рајна – Вестфалија” е организирана во рамки на активностите на Претседателскиот центар за политичко образование, а учесници на конференцијата беа алумните на првата и втората Школа за политики, како и стипендисти на програмата “Training programme for Young Professionals from North Macedonia to North-Rhein Westfalen”, во соработка со GIZ.

Треба да знаете
Последни објави