Search

Комуниколози за случајот „Ачкоска“: Секој корисник на социјалните мрежи е своевиден медиум, да се применува правилото „двапати мери, еднаш објави“

Професорката во пензија, Виолета Ачкоска заврши во полициска станица откако предизвика паника, револт и страв меѓу граѓаните со статусот на социјалните мрежи во која наведе дека починат матурант од Скопје користел дрога, како и тоа дека неколку момчиња се фрлале од згради по конзумирање на опасна дрогаНа полицајците им кажала дека слушнала муабети од деца и дека сфаќа за грешката што ја направила. Лажната вест на професорката повторно го отвори прашањето за борбата против ширењето паника и социјалните медиуми. Хаос од информации, кои преку, исто така, еден клик на примамливиот, најчесто сензационалистички наслов, водат до море од дезинформации и лажни вести, кои покрај недостиг од медиумска писменост, влијаат погубно врз консументите, јавното мислење и довербата во институциите.

Постојат повеќе тези за тоа зошто на социјалните мрежи најмногу се шират неточни информации, дезинформации или злонамерни информации.

Комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов во разговор за „Локално“ вели дека многу е важно да ја сфатиме моќта на социјалните медиуми, која што во денешно време може да предизвика позитивни работи, но и бура на опасности и негативни работи, особено ако не се внимава што се објавува.

-Мораме да разбереме и да го применуваме правилото „двапати мери, еднаш објави“ бидејќи многу е важно да имаме во предвид дека на социјалните медиуми можат да се рашират информации со секакви последици. Социјалните медиуми се канал, не постои социјален медиум кој што креира содржина како што е тоа кај традиционалните медиуми. Секој од нас со име и презиме креира содржина и објавува она што треба да се види, посочува тој.

Кордалов обелоденува дека другата разлика е што денес социјалните медиуми можат да допрат до целиот свет и да ја пружат информацијата за неколку секунди и токму тоа ја создава плодната почва и ја дава можноста за дезинформациите и негативните вести да бидат брзо пласирани.

-Ова е честа дилема која оди на релација превенција-санкција. Кој и да е правник да го прашате, ќе појасни дека и по теорија и по пракса, казните имаат за цел да превенираат, а не да масовно казнуваат. Секогаш кога ќе се излезе со одредена казна, се дава јасен одговор дека тоа не треба да се прави, но истовремено е пораз дека не сме успеале да поставиме добра култура на превенција и образовна подлога и не сме успеале да поттикнеме општеството да се бори заеднички преку подигање на свеста со негативните појави на Интернет. Веројано треба многу да се работи на подигање на јавната свест и превенција, ни рече комуникологот.

Сепак не смета дека граѓаните добиваат повеќе дезинформации.

-Мислам дека Интернетот е огромна платформа и секој согласно своето критичко размислување носи одлука кон што ќе верува и ќе го отвори и ќе му даде значење. Секој од нас избира понатаму какви содржини ќе шири, анализира Кордалов.

Медиумската едукација ни треба на сите нас, но особено на нашите професори, смета професорот и комуниколог Сеад Џигал за случајот со пензионираната професорка.

Во разговор за „Локално“ истакна дека за генерациите растени во пред-дигиталното доба за жал е потешко да совладаат некои основни чекори неопходни денес, како што е проверка на извори на информации, што бара не само учење, туку и одучување или менување на навики за јавното комуницирање.

-Дигиталните технологии наметнуваат потреба од нов тип знаења како да ги користиме правилно и одговорно новите медиуми. Останува фактот дека на социјалните мрежи кај нас често се пласираат информации, полуинформации, дезинформации и шпекулации без проверка и без поднесување каква било одговорност. Сосема легитимно е да се опсервира критички власта, институциите, компаниите, функционерите, но во тоа мора да бидеме мошне одговорни, особено јавнит ечичности, едукаторите, активистите, и сл. и да внимаваме да користиме исклучиво проверени информации, факти и аргументи. За жал, низ негативни примери и искуства како општество бавно учиме некои важни лекции, но тоа е многу трнлив пат, далеку подобро е на овие проблеми да им се приоѓа проактивно, превентивно и системски, ни рече Џигал.

На прашањето зошто социјалните мрежи се поволна почва за ширење дезинформации и лажни вести, комуникологот вели дека социјалните мрежи како и секоја технологија имаат своја темна страна.

-Покрај демократизацијата, зајакнување на поединецот и персонализацијата, кои се особено важни, сепак во оваа фаза од својот развој тие овозможуваат и бројни злоупотреби, како што се лесно ширење дезинформации и лажни вести. Секој корисник е своевиден медиум, кој ако привлече внимание може да има големо влијание во својата средина. Засега механизмите на проверка, корекција и превенција од вакви злоупотреби каскаат зад можностите за лесна дисеминација на дезинформации и потребно е одредено време, но и општествена свест и поширок ангажман за да се намалат овие негативни последици, анализира Џигал.

Според него, треба да се биде крајно внимателен во делот на санкциите и криминализацијата на одредени аспекти на јавното комуницирање, особено поради превенирање на политички злоупотреби и произволни интерпретации на законите.

-Таа работа треба да им се препушти на експертите и низ јавно-инклузивен процес да се дефинират некои критични точки за кои треба промени или подобрувања. Во суштина, како општество кое е во процес на интеграција во одредени сојузи или организации нема потреба да измислуваме топла вода и да импровизираме, доволно е да примениме и да прилагодиме одредени стандарди и препораки од ЕУ или на пример од ОН како организација со големо искуство во оваа сфера, оценува соговорникот.

Заклучува дека проблемот е во тоа што голем дел од медиумите се крајно политизирани или комерцијализирани, така што се злоупотребуваат како платформи за ширење плански дезинформации со цел да предизвикаат одреден корисен ефект за дезинформаторите.

-Од една страна имаме медиуми со партиски агенди каде дезинформациите се шират без никаква одговорност, а од друга страна наместо медиуми кои креираат свои квалитетни содржини имаме своевидни супермаркети каде се лесно доста достапни дезинформации кои ги продуцираат политички или бизнис кругови за да ги остварат своите цели. Дополнително, слабата медиумска писменост и култура кај нас во комбинација со незаштитетноста од злоупотребите на онлајн медиумите и социјалните мрежи дополнително ја влошуваат ситуацијата на овој план, објаснува Џигал.

Извор: Локално

Треба да знаете
Последни објави