Search

Тетовци со „бмв“ фрлиле марихуана низ прозорец, па прегазиле полицаец и удриле во полициски автомобил

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22, додека за едното од нив и за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста според член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 14 март, на локалниот пат од селото Ѓермо кон Тетово, полициски службеници запреле автомобил „бмв“ во кој биле двајцата осомничени. Во момент кога полицајците се обиделе да извршат контрола на возилото, возачот го ставил автомобилот во погон и почнал да се движи наназад за да избега. Полициските службеници го попречиле и забележале како совозачот од прозорецот фрлил наркотична дрога – марихуана за која подоцна е утврдено дека е со нето маса од 30,96 грама.

Еден од полициските службеници успеал да ја отвори возачката врата и му дал наредба на возачот да го изгаси автомобилот, но тој повторно тргнал напред и со задното тркало поминал преку нозете на полицаецот кој се здобил со телесни повреди. Автомобилот во кој биле осомничените удрил во полициското возило и запрел, а двајцата осомничени биле лишени од слобода.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Предлогот е прифатен и судијата со решение им определи притвор во траење од по 30 дена.​​

Треба да знаете
Последни објави