Search

Рускиот и американскиот министер за одбрана разговараа телефонски по инцидентот со дронот

Министрите за одбрана на Русија и САД, Сергеј Шојгу и Лојд Остин денеска телефонски разговарале, ден откако руски авиони пресретнаа американско беспилотно летало над Црното Море, соопштија од Москва и од Вашингтон.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска, 15 март, рускиот министер за одбрана генерал Сергеј Шојгу и американскиот министер за одбрана Лојд Остин разговарале телефонски на иницијатива на американската страна, без да наведат дополнителни детали.

Американскиот државен секретар Лојд Остин на прес-конференција во Пентагон изјави дека денеска разговарал со својот руски колега за уништувањето на американско беспилотно летало над Црното Море.

Тоа беше прв телефонски разговор меѓу двајцата министри од октомври.

„Само што разговарав со мојот руски колега, министерот Шојгу. Како што реков многу пати, важно е големите сили да бидат модели на транспарентност и комуникација, а САД ќе продолжат да летаат и да спроведуваат операции каде и да дозволува меѓународното право“, изјави Остин.

Русите и Американците различно го толкуваат вчерашниот инцидент со дронот. Руската војска соошти дека два воени авиона вчера пресретнале американско беспилотно летало над Црното Море, но дека ниту го погодиле, ниту го собориле, спротивно на она што го кажа Вашингтон. Американската војска соопшти дека руски борбен авион Су-27 соборил американско беспилотно летало „Рипер“ над Црното Море, област која НАТО внимателно ја следи од почетокот на војната во Украина.

Треба да знаете
Последни објави