Search

Пармаковска со книжевна вечер во Софија, културните врски меѓу Македонија и Бугарија зајакнуваат

Преземено од Рацин.мк

Вечерва, 9 март, со почеток од 18:30 часот, во КИЦ на РСМ во Софија македонската писателка Фросина Пармаковска ќе го промовира нејзниот нов роман „На враќање.

„На враќање“ е издание на „Персеј“ од Софија, преведена на бугарски јазик од Маријан Петров. На промоцијата пред софиската публика, во присуство на авторката, ќе говорат издавачот Пламен Тотев и преведувачот Марјан Петров.

Пармаковска веќе им е добро позната на бугарските читатели со книгите „Вишнова хроника“ и „Одбројување“, изданија на „Персеј“ на бугарски јазик. Нејзиниот нов роман е фасцинантно раскажана приказна за животот на средовечен маж, писател, кој занесен во пишувањето незабележливо му врти грб на семејството и по некое време се изнесува од својот дом и ги напушта својата сопруга и својот мал син. Наративот во прво лице го води човекот кој не знае да го спои својот личен и креативен живот…

Со изложбата „Реминисценции“ на Марјан Ѕингаров на 7 март, пак, започна богатата годишна програма на КИЦ во Софија. Во присуство на голем број дипломати, уметници, новинари и пријатели на КИЦ, изложбата ја отвори амбасадорката на РСМ во Бугарија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, која потенцираше дека ќе работи во унапредувањето на односите меѓу двете држави. За уметноста на Ѕингаров говореа д-р Сашко Насев, директор на КИЦ на РСМ во Софија, д-р Иво Пецов, ликовен уметник, и бугарскиот новинар Даниел Ненчев.

Дел од бугарските медиуми коментираат дека културата и уметноста продолжуваат да бидат најсилните мостови што ги поврзуваат Северна Македонија и Бугарија.

Оваа недела е исклучително богата со културни настани, во кои уметници од Северна Македонија ја посетуваат Бугарија и обратно, бугарските уметници се претставуваат пред македонската јавност.

Вчера, на 8 март, во Националната опера и балет на Северна Македонија, а со поддршка на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, гала концерт одржа светски познатата оперска дива од Бугарија, Александрина Пендачанска.

Таа за медиумите изјави дека за првпат е во Северна Македонија и дека е многу возбудена, бидејќи од тука потекнува нејзиниот дедо Александар Пендачански, по кого го добија името.

Од 10 до 24 март Софија, како дел од програмата на овогодинешниот Sofia Film Fest, ќе бидат прикажани 7 филмови на македонскиот филмски режисер Милчо Манчевски, како и еден филм на режисерката Теона Митевска.

Треба да знаете
Последни објави