Search

Албанската мафија ја „освои“ Шпанија:Каталонија полна со плантажи со марихуана, ги користи сонародниците како „градинари“

Албанската мафија пристигна во Шпанија во 1990 година и стана позната главно по трговија со луѓе и хероин. Меѓутоа, со текот на годините овие опасни криминални организации – во кои спаѓаат државјани на Албанија и Косово – растеше експоненцијално, станувајќи кралеви на трговијата со дрога во Шпанија и другите делови на планетата како Обединетото Кралство или Еквадор, пишува „Ел Такиграфо“.

Според тој шпански портал специјализиран за судски, полициски и криминални хроники, албанските криминални групи прво се занимавале со хероин, потоа со кокаин, а сега додале и одгледување и трговија со марихуана.

Од 2017 година, што се совпадна со првото предупредување на „Mosos d’Escuadra“ за доаѓањето на транснационални криминални групи во Каталонија посветени на трговијата со марихуана, Албанците ги насочија своите ресурси на оваа дрога, подигајќи насади во сите делови на Шпанија, но особено на источниот брег и во Каталонија.

Производството на големи количини на дрога вклучува големи плантажи, кои обично се наоѓаат во индустриски складишта или во семејни домови. Истовремено, за правилно функционирање на посевите и гаранција за добра реколта, албанските газди ги експлоатираат сонародниците кои во Шпанија пристигнуваат со привремен престој (90 дена), пишува „Ел Такиграфо“.

Работниците се затвораат во плантажи за да ја вршат функцијата „градинари“, не можат да ги напуштат просториите и живеат експлоатирано одгледувајќи марихуана, додека не им истече дозволата и не можат да се вратат во својата земја. Но, во текот на денот на работа на плантажата тие немаат никаков контакт со надворешноста.

Според шпанските медиуми, тоа се најчесто мажи, без многу средства и мнозинството (90 отсто) без претходна криминална историја. На овој начин, доколку бидат уапсени, помали се шансите да добијат затворска казна.

Сепак, според „Ел Такиграфо“, овие криминални организации не се ограничиле само на растот во Шпанија, туку нивното присуство се шири и на други делови на планетата. На пример, тие го предводат пазарот на кокаин во Велика Британија, која е и европска земја која најмногу ја консумира оваа наркотична супстанција. Таму, освен тоа, купиле и многу ресторани во Лондон, за да ги исперат парите што ги добиваат од трговијата со дрога.

Од друга страна, ако се преселиме од стариот на новиот континент, албанските кланови пристигнаа во Еквадор пред неколку години, поточно во градот Гвајакил, чие пристаниште стана клучен дел од логистиката на меѓународната трговија со дрога во последните две години. Интересно е што тие се населиле во Јужна Америка благодарение на калабриската мафија, која се позиционираше како најмоќна и најопасна во светот. Калабриските кланови им веруваа на албанските емисари да отворат нови рути од Гвајакил.

На овој начин албанските кланови низ годините ја добија довербата на сите меѓународни криминални организации. Тие го стекнаа овој престиж главно поради стравот што го инспирираат, „иако во Шпанија држат низок профил – тие се заинтересирани да останат незабележани – во остатокот од светот тие се многу насилни“.

Треба да знаете
Последни објави