Search

Oд феминистичка организација до прифатилиште за жени и деца во Украина

Основана во 2014 година, Феминистичка работилница e организација која започна мисија да создаде простор за напредок на феминистичката заедница во Лавов, но и во целата Украина. Сепак, дефиницијата на организацијата за феминизам не значи само еднаквост за жените. Таа исто така се стреми кон поинклузивно општество и се бори против дискриминацијата и насилството врз различните заедници.

Феминистичка работилница, со своите волонтери, вложува значителен напор за остварување на својата мисија. Организира училишни дискусии за тинејџерската публика на теми како што се толеранција и пол. Во текот на 16-те дена активизам, организацијата се вклучи во кампања против родово заснованото насилство. Годишно, Феминистичката работилница исто така организира настани на Меѓународниот ден на жената. Покрај тоа, тимот објавува и написи за теми поврзани со феминизмот, вести од Украина и вести за самата организација.

Сепак, откако Русија ја нападна Украина Феминистичката работилница го прошири опсегот на својата дејност. Таа остана феминистичка организација, но се прилагоди да обезбеди засолниште за Украинките.

Фем стан
Во 2022 година, Катја Довбни, координаторка на Феминистичката работилница, доби домување во Лавов од приватни сопственици во кое може да се сместат околу 23 луѓе. Иако првично беше привремен дом за пет активисти, станот сега е рај за жените и децата кои бегаат од различни делови на Украина.

Насловен како FemApartment, првото прифатилиште беше отворено во април 2022 година, а во јуни 2022 година беше отворено и второто во центарот на градот. Во второто прифатилиште живеат осумнаесет лица, од кои девет се деца на возраст од 2 месеци до 13 години. Во тимот на Феминистичка работилница, двајца од членовите се исто така внатрешно раселени лица, така што тимот ги разбира потребите на оние кои бараат безбедно место за престој и се ангажира во создавање стабилен дом за нив.

Дополнително, овие засолништа обезбедуваат соодветни услови и за децата. Тимот трансформираше една од собите во станот со цел да ги едуцира децата и да им овозможи да бидат креативни. Собата има простор за 10 деца и содржи проектор за цртани филмови, акварели, боички и книги. FemApartment е привремено сместување, но на луѓето во Украина им ја дава потребната грижа и поддршка.

За да работат и живеат во FemApartment, жените морале да „имаат одредено искуство во активизам“ и да бидат подготвени да им помогнат на оние што ги зафати војната, наведува Ал Џезира. Овие квалификации се конзистентни со верувањето на Феминистичката работилница дека феминизмот се бори да реши повеќе социјални неправди. Живеењето во станот понекогаш е тешко, но станарите се благодарни што имаат засолниште и многу внимаваат еден на друг.

Членови на тимот
Меѓу активистите кои живеат таму е и Катја, која помага во обезбедувањето на основните потреби на станарите. За Катја, клучни се и физичките и емоционалните потреби. Катја, како и другите станари и членови на Феминистичката работилница, обезбедува ќебиња, садови и други предмети кои ќе направат попријатна атмосфера во станот, велат од Феминистичката работилница.

И активистка и бебиситерка, Иванка се фокусира на забава, поучување и смирување на децата, како и обезбедување време на нивните мајки за одмор, известува Феминистичката работилница. Членовите на тимот, вклучително и Анастасија-Љубов, се грижат за постарите жени, им носат храна и залихи, па дури се нудат да вршат и домашни работи како чистење или правење вечера. За да не ги вознемируваат, тие внимаваат да ги контактираат претходниот ден и ги оставаат своите контакт информации во случај да им требаат.

Покрај тоа, фокусирана на обезбедување психолошка помош, Ксенја е задолжена за организирање долгорочни проекти и еднократни настани кои се стремат да го подобрат менталното здравје. Ксенја комуницира и со активисти од други градови кои сакаат да останат во FemApartment и е одговорна за наоѓање терапевти за станарите на кои тоа им е потребно.

Исто така, има членови на тимот кои придонесуваат за медиумските активности на заедницата, како што се Настија и Саша. Нивната работа вклучува градење онлајн заедница и откривање приказни кои заслужуваат внимание, како и работа со меѓународни медиуми, со фокус на споделување на перспективата на жените и феминистките.

Менаџери и координатори.
Во организацијата има тројца менаџери и координатор на располагање, 12 часа на ден, кои помагаат во грижата за заедничките прашања како што се дистрибуција на храна, вода и хигиенски производи, како и поминување време со децата, известува Феминистичката работилница.

Психолозите и уметничките терапевти од Малтезер, Украина, почнаа да работат со децата на 14 јуни 2022 година. Наталија која е психолог, модерира состанок за возрасните станари на секои две недели. На овие состаноци сите се запознаваат подобро едни со други, со цел да научат да живеат и работат заедно, но за станарите се достапни и индивидуални тераписки сесии.

Иванка еднаш изјави дека феминизмот е сличен на голема машина која работи непречено „преку секоја жена која ќе одлучи да биде еден мал дел од неа“, пренесува Ал Џезира. Тимот на Феминистичката работилница се состои од внимателни поединци кои се обединуваат со силна верба во мисијата на Феминистичката работилница.

Руската инвазија на Украина донесе многу болка и искушенија за семејствата и поединците кои живеат таму. Феминистичката работилница, со обемните напори направени од нејзиниот тим и другите поддржувачи, се обидува да им ја даде на луѓето во Украина заштитата која им е многу потребна и да им даде надеж да продолжат напред.

Извор: Окно

Треба да знаете
Последни објави