Search

Пекарниците не носат леб во маркетите, ќе следува ли реакција на институциите?

Пекарниците утрово ја остварија заканата дека нема да испорачуваат бел и полубел леб во маркетите, како нивен одговор на одлуката на Владата да ја замрзне цената на овие производи на најмногу 33 денари.

Уште вчера попладне најголем дел од пекарниците доставиле допис до маркетите дека денеска нема да испорачуваат леб.

По овој потег се очекува реакција на институциите.

Вчера, министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека доколку дојде до ваква ситуација, државата и инситуиите имаат механизмите кои може да ги активираат и употребат.

„Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во согласност со нашите податоци, во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производа, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат во согласност со Законот за трговијата и Законот за заштита на потрошувачите има одредби што треба да ги утврдат од надзорите што би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби“ порача Бектеши.

И додека трае „војната“ помеѓу пекарниците и Владата, граѓаните на социјалните мрежи масовно го искажуваат својот револт кон сопствениците на пекарниците, обвинувајќи ги за профитерство и сметаат дека најголем дел од нив и покрај помошта од државата и далеку поевтината електрична енергија, цената на лебот воопшто не била намалена.

Треба да знаете
Последни објави