Search

Пекарите се заканија: Ако се замрзне цената, ќе ги оставиме граѓаните без леб

Пекарската индустрија се закани дека нема да произведува леб доколку Владата ја донесе мерката за замрзнување на неговата цена на 33 денари.

– Ако Владата ја донесе мерката за ограничување на цената на лебот, од следниот ден нема да има леб на пазарот, изјави денеска Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарската индустрија по состанокот во Стопанската комора на Северна Македонија.

Производителите едногласно донесоа заклучок дека мерката има позитивен ефект. Триесет и двајца индустриски пекари од цела држава и мали здруженија на пекари на денешниот состанок констатирале дека во целост се почитувала мерката за субвенционирање на елекрична енергија и цените на лебот на пазарот се намалени повеќе од вредноста на субвенцијата што ја примаат пекарите.

-Со донесувањето на оваа мерка првично се стопира ограничувањето на цената не само во пекарската, туку и во другите индустрии и истата подоцна дозволи да се намали цената соодветно и да се создадат услови за нормално стопанисување на пазарот, да се создаде конкуренција. Со таа конкуренција изминативе два месеци почнуваа да се намалуваат цените, на пазарот имаме цени во разни варијации од различни видови на обичнен леб од различни грамажи. Веќе имаме постоечки цени од 33, 35 денари па лебот се движи во зависност од тоа дали е сечен или не до 50 денари.  Цените почнаа нагло да се намалуваат последниве 30 дена, рече Малишиќ.

Мерката, како што нагласи, ќе им донесе на пекарите штета и ќе ги доведе до нивно затворање, а штетата би изнесувала од три до 15 илјади евра на ден.

-Постои модел како треба Владата да направи социјална цена на социјален леб, како што е направено во Србија. Јасно и гласно е кажано уште пред две години – за да направите социјална цена на леб, и да го задоволите населението, треба да се фатите за џев, народски кажано. Во Србија, државата субвенционира 30 проценти од цената на брашното на пекарниците за да има одредена цена која српската Владата ја покачи пред три дена. Постојат модели, да, тоа е трошок, но ако сакаме да имаме социјална цена со една цена на пазарот мора Владата да субвенционира, не можеме да бидеме ние општествено одговорни компании кои ќе бидат во загуба, посочи Малишиќ.

Сопственикот на пекарско-слаткарската фирма „Специјал“ Горан Ѓорѓиевски појасни дека во вкупната цена на лебот – 40 до 45 посто е материјален трошок, бидејќи, како што посочи, не е само жито, туку квасец, сол.., од 30 до 35 проценти  работна рака, 10 проценти енергија и околу 15 проценти останати трошоци – кредити, пакувања, лизинзи итн.

-Не е само житото во цената туку голем дел работна рака. Во овој момент има масовен одлив на население што оди да работи во западните земји, тој недостаток креира висока цена на работната рака на пазарот, рече Ѓорѓиевски.

Во саботата министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од 1 март ќе биде замрзната цената на лебот на 33 денари.

Мерката е на предлог на Министерството за економија поради тоа што анализите покажале дека голем дел од компаниите за прехранбени производи кои добиваа субвенционирана струја, не ги намалиле цените на производите и по три месеци. 

Треба да знаете
Последни објави