Search

Пресврт на Реал за дебакл на Ливерпул, Наполи рутински против Ајнтрахт

Актуелниот европски шампион Реал Мадрид, оствари нова победа над Ливерпул, овој пат во осминафиналето од Лигата на шампионите, и тоа со 2:5 и со едната нога е веќе меѓу осумте најдобри.

Со спектакуларниот триумф на „Енфилд“ на кој навивачите видоа дури седум гола, Кралевите уште еднаш потврдија дека се вистинска ноќна мора за Ливерпул.

Реал во минатогодинешното финале во ЛШ, го совлада токму Ливерпул и тоа со 1:0, а двата тима исто така играа во финалето на елитното клупско натпреварување и во 2018 година и повторно Кралевите славеа (3:1).

Вечерва, фудбалерите на Ливерпул, желни за одмазда, фуриозно го започнаа натпреварот и по само 14 минути имаа предност од 2:0. Дарвин Нуњез во четвртата минута го отвори резултатот со одличен удар со петица, а десет минути подоцна, Салах го несмасната интервенција на Тибо Куртоа зголеми на 2:0.

Одговорот на Кралевите беше брутален, дадоа пет гола по ред и остварија убедлив триумф кој со едната нога ги носи во четврфиналето. До крајот на првиот дел, Винисиус жуниор постигна два гола и го израмни резултатот, а во вториот дел, Кралевите постигнаа уште три.

Прво, Едер Милитао во 47-та минута постигна гол за 2:3, а потоа на сцена стапи Карим Бензема со два гола за конечни 2:5.

Фрапантен подааток е дека 18% од сите голови кои Ливерпул под водство на Клоп ги прими на домашен терен во Лигата на шампионите беа постигнати вечерва. Нивниот тим по втор пат во историјата прими пет гола во Европа. Првата „петарда“ ја прими од Ајакс кој во 1966 година славеше со 5:1 во Купот на шампионите.

Сигурен настап на гости имаше и Наполи кој со 0:2 славеше кај Ајнтрахт. Виктор Осимен во 40-та минута го отвори резултатот, откако четири минути претходно, Квича Кварацхелија промаши пенал.

Победата за Наполи ја завери Џовани ди Лоренцо со голот во 65-та минута.
Реваншите ќе се играат следниот месец.

Треба да знаете
Последни објави