Search

Спасовски: Уништени 1.4 тони дрога во Макстил, второ уништување во рок од шест месеци како резултат на постојаните полициски акции

„Вечерва во присуство на раководството на МВР, претставници од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, полициски аташеа, соработници, беа уништени околу 1.400 килограми различни видови наркотични дроги и околу 270 парчиња разновидно оружје, одземени во 2022 година по основ на правосилни судски одлуки донесени по завршени кривични постапки, како и врз основа на судски решениja за нивно ништење. Би сакал да потенцирам дека во рок од шест месеци ова е второ уништување со вкупно уништени околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци.“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на настанот во Макстил АД Скопје, реализиран со соработка на МВР, Државната комисија за уништување на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и Агенцијата за управување со недвижен имот. На овој настан покрај раководството на МВР, присуствуваа и претставници на мисијата на ОБСЕ во Скопје, полициски аташеа, соработници и ученици од средното економско-правно училиште „Васил Антевски Дрен“, како практика на транспарентност и отвореност на МВР кон граѓаните за унапредување на довербата на граѓаните во полиција.

„Минатата 2022 година ја завршивме со запленети рекордни над 2.4 тони дрога и 20 тони прекурсори, сузбиени беа 12 организирани криминални групи со откриени над 660 кривични дела и 770 сторители на кривични дела. Во делот на борба против недозволена трговија со оружје имавме над 18% зголемена откривачка дејност со откриени 127 парчиња оружје и 5103 парчиња муниција.“, потенцираше министерот Спасовски и истакна дека и ова како и претходното уништување на дрога е резултат на големиот број константни оперативни акции и активности кои МВР ги спроведува во изминатите години со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори.

„Министерството за внатрешни работи, односно сите организациони единици надлежни за сузбивање на недозволената трговија со дрога, продолжуваат со реализација на овој наш врвен приоритет – на брз, координиран и ефикасен начин да ја сузбиеме оваа девијантна појава“, рече министерот Спасовски. Министерот Спасовски на крај истакна дека бројките ги потврдуваат сериозните успеси во борбата со недозволената трговија со дрога, која ова раководство на МВР уште во почетокот ја постави како еден од своите приоритети во која нема место за никакви компромиси а МВР ќе продолжи да ја информира јавноста на целосно транспарентен начин како во делот на откривањето и санкционирањето на ваквите појави, така и во делот на уништувањето на кое сме денес сведоци.

Генералната директорка на Макстил, Марија Дуковска-Павловска во изјавата за медиумите рече: „Макстил стана честа дестинација за спроведување активности поврзани со спалување запленета стока, што од своја страна говори за високите стандарди според кои работиме, но и за високо технолошки напредната опрема со која располагаме. Соодветно на нашата општествена одговорност, целиот капацитет е ставен во функција на јавното добро, сето она што претставува корист за заедницата, за јавноста или за јавните државни институции“.

Треба да знаете
Последни објави