Search

Блинкен: Постои можност Кина да и обезбеди смртоносна материјална поддршка на Русија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Кина размислува да и испрати на Русија оружје и муниција за војната во Украина.

Тој изјави дека кинеските компании веќе даваат одредена поддршка на Русија, додека новите информации сугерираат дека Пекинг може да испрати и оружје, пренесува Би-Би-Си.

„Таквата ескалација би значела сериозни последици за Кина“, изјави Блинкен.

Според британскиот јавен сервис, кинескиот претседател Си Џинпинг се обидува да остане неутрален во конфликтот, а кинеското Министерство за надворешни работи објави дека нема да прифати „покажување со прст“ од страна на САД во однос на нивните односи со Русија.

За време на состанокот со директорот на Централниот комитет за надворешни работи на Комунистичката партија на Кина, Ванг Јием, Блинкен „изрази длабока загриженост“ за „можноста Кина да обезбеди смртоносна материјална поддршка“ на Русија.

Тој не прецизираше кои конкретни информации ги добиле САД за наводните кинески планови.

Треба да знаете
Последни објави