Search

Боки 13 го обвини Џолев дека сака да го остави во затвор да почине од рак, од Судот тврдат дека лаже и го злоупотребува покојниот судија Ставрев

Бојан Јовановски, Боки 13 ја манипулира јавноста со Законот за кривична постапка и со Уставно загарантираните права и слободи на осудениот, а на штета на судот и покојниот судија Огнен Ставрев, реагираат од Кривичен суд Скопје, по обвинувањата на осудениот, кој тврди дека по налог на претседателот на судот Иван Џолев, се фалсификува судски налог со цел Јовановски да остане во „Идризово“, иако, како наведува е тешко болен.

-Најпрво, се работи за НЕ правосилно решение на кое странките веќе поднеле жалба по која треба да одлучува Кривичниот совет. Конкретното решение е донесено од судијата Ставрев по анализа на целокупната медицинска документација и мислења. Но, со оглед да, заради здравствени причини судијата замина на боледување, писмено изготвеното решение било потпишано од вториот судија во одделот, судија – Бранка Наумоска, користејќи ја претходно усогласената судска пракса и Правното мислење на Врховниот суд на РСМ:

A ЗАРАДИ ИТНОСТА НА ПОСТАПКАТА И ПРЕД СЕ ДОСЛЕДНО ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ОСУДЕНИТЕ ЛИЦА

Во однос на дополнително доставените мислења од страна на правниот тим на Јовановски, согласно Судскиот деловник, истите мора да бидат примени во судот и покрај тоа што се доставени по донесување на рашението се со цел да бидат разгледани од Кривичниот совет при одлучување по жалбата, а единствено во корист на подносителот на жалбата односно осудениот Јовановски, велат од Кривичен.

Според нив,  заради целосно запознавање со случајот, правниот тим на Јовановски, потребно е до медиумите да ја достави целокупната медицинска документација вклучувајќи го и мислењето на Лекарскиот колегиум составен од повеќе професори од ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, изготвено на 23.01.2023 г. по барање на судот, а во кое е наведено дека „општата здравствена состојба на осуденото лице НЕ е компромитирана со оглед на неговите претходни зафати и е потребно нејзино понатамошно следење “, како и мислењето на надлежниот Јавен обвинител кој смета дека врз основа на приложената документација, барањето за прекин треба да биде ОДБИЕНО.

-Јавноста воедно треба да биде запознаена дека осуденито Јовановски во изминатите 6 месеци, со дозвола на судот, неколку пати бил хоспитализиран и му се дозволени сите, неопходни прегледи поврзани со неговата здравствена состојба. Истиот за целиот овој период почнувајќи од 25. 07. 2022 година, со неколку прекини, па до денес е времено згрижен во соодветна клиника.
Заради сето тоа судот апелира да не се манипулира со јавноста на „МОРБИДЕН И МОНСТРУОЗЕН“ начин, како што квалификува Јовановски, особено што се злоупотребува и името на покоен судија, велат од Судот.

Јовановски пак, во писмо испратено преку неговиот адвокатски тим тврди дека врз него се врши незапаметена тортура од страна на Основниот кривичен суд Скопје, каде доставил барање за прекин на издржување на казна затвор поради влошена здравствена состојаба од животно загрозувачки карактер.

-Наместо законита одлука темелена на докази добив судско решение за кое изразувам основано сомневање дека е фалсификувано и антидатирано под директна наредба од страна на претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев. Судското решение кое е со датум од 31.01.2023 не  е потпишано од страна на починатиот судија Огнен Ставрев, дотолку повеќе што видно од решението се гледа потпис со апостроф кој не коинцидира со потписот на покојниот судија, а оттука се наметнува и прашањето заради кои причини судијата кој бил на работа до 03.02.2023 година пред да почине на 04.02.2023 година  не го потпишал решението кое го донел и заради кои причини веднаш не го верифицирал истото во акмис системот согласно закон и судкиот деловник за работа, а важно за напомена е дека покојниот судија се до 03.02.2023 година беше во активна и секојдневна комуникација со мојот бранител мр.Владимир Туфеџиќ сето во врска со постапката и истиот примаше дополненија на барањето и нови докази се до 03.02.2023 за кој поседуме докази со приемен печат од судот, ова е надвор од здрава логика! Во прилог на ова соопштение за јавноста ви ги доставувувам Решението ПК бр. 18/22 од Основниот кривичен суд Скопје, мојата Жалба кон Решението и медицинската документација која е дел од предметот. Во интерес на вистината и транспарентноста, особено поради високиот степен на јавниот интерес, дотолку повеќе што се работи за МОНСТРУОЗЕН И МОРБИДЕН ФАЛСИФИКАТ НА ДЕЦЕНИЈАТА, согласен сум да ги објавите сите документи во целост, со заштита на личните податоци (матичен број ), вели Боки.

Тој за сето погоренаведено ги известил со посебни барања и иницирани постапки, раководителот на ОЈО за ГОКК Ислам Абази од кого побарал да бидам изведе пред него во итен рок, Амбасадорката на САД во Р.С.Македонија, Судскиот совет на Р.С.Македонија, Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и други меѓународни и домашни организации.

Кривичниот суд во Јуни 2020 година, донесе пресуда за обвинетите во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и Катица Јанева. Јовановски е осуден на 9 години затвор, додека пак поранешната обвинителка Јанева на седум години затвор. Обвинет беше и Зоран Милески-Кичеец кој што ја призна вината и доби три години затвор.

Покрај случајот ,,Рекет” Јовановски беше и обвинет во случајот ,,Меѓународен сојуз”. Со наводен проект за изградба на комплекс за стари лица, Бојан Јовановски измамил двајца бизнисмени, а со парите што нивните фирми ги уплатиле, ги финансирал телевизијата „1ТВ“ и невладината Меѓународен сојуз и купувал лични предмети. Боки-13 за овој случај беше осуден на казна затвор од девет години, а неговите соработници, Јасна Ерцеговиќ, на четиригодишна затворска казна и Христина Блажевска, на затвор од една година. Поранешната потпретседателка на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, беш ослободена од обвинението, бидејќи обвинителките не докажале дека сторила кривично дело.

Времено одалечување 

Треба да знаете
Последни објави