Search

ДИЖС: УСЈЕ ги примени сите препораки, контролните мерења покажуваат дека нема надминување на граничните вредности на емисиите

Не е евидентирано надминување на ГВЕ-граничните вредности на емисија од страна на компанијата „Цементарница Усје“ соопштува Државниот инспекторат за животна средина.
Од ДИЖС објавија информации за реализација на задолженија во инспекциска постапка од страна на правниот субјект „Цементарница Усје“ АД Скопје.
Соопштуваат оти на 7-ми Февруари е започната постапката за спогодување пред Комисијата за спогодување при МЖСПП и истата е во тек. По завршување на спогодувањето јавноста ќе биде информирана за конечната одлука.
–  Правниот субјект постапи по издаденото Решение во инспекциска постапка од страна на Државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Скопски регион при што во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 MW во котларата за загревање на фабриката отпочна со користење природен гас како гориво. Исто така беа извршени мерење на емисија на гасови од емитерот-оџакот на парниот котел со акредитирана лабораторија за животна средина. Од пристигнатиот извештај е утврдено дека нема евидентирано надминување на ГВЕ-граничните вредности на емисија. Правниот субјект реализираше и мерења на 8 емисиони точки согласно А-ИЕ Дозвола од сите производни делови кои се во работен режим со две акредитирани лаборатории за животна средина. Останати 4 мерни места поради редовен годишен ремонт на ротациона печка 4 и придружни работни единици ќе се мерат дополнително – се наведува во нивното соопштение.
Понатаму ДИЖС посочува дека „од пристигнатите извештаи е утврдено дека нема евидентирано надминување на ГВЕ-граничните вредности на емисија“.
–  Една од двете печки (ротациона печка бр.4) е во ремонт и истата не е во работен режим. Цементарница Усје А-Дозволата за усогласување со оперативен план ја поседуваше од 2011 година, измена на А-ДУОП беше направена во 2013 година, а А-Интегрираната Еколошка Дозвола ја поседува од 2020 година. Дозволите ги издава МЖСПП – се појаснува во нивното соопштение.
Од инспекторатот дополнуваат дека врз основа на пристигнато барање од страна на Канцеларијата на Народниот Правобранител на РСМ (Заменик НП), во тек е подготовка на информација со барани податоци за работењето на правниот субјект Цементарница Усје која ќе биде доставена до барателот во законски утврдениот рок.
Тие исто така посочуваат дека редовно ќе вршат инспекциски надзори во правниот субјект согласно утврдени планови за работа.
Дозволите ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. За инсталации со А интегрирана дозвола, надлежен инспекциски орган е Државниот инспекторат за животна средина, додека општините се надлежни за инсталациите кои имаат Б дозволи .

Треба да знаете
Последни објави