Search

Не се приватниците, скопјани се колатерална штета од хаосот во превозот

Иако првиот чекор во решавање на проблемот со приватните превозници е направен по вчерашната нивна средба со градоначалничката Данела Арсовска, скопјани и понатаму се жалат на малиот број на автобуси.

Во зависност од дестинацијата и делот од градот чекањето може да трае од 20-ина минути па до еден час, велат скопјани.

Место во автобус беше тешко да се фати и за време на распустот кога немаше ученици, а сега е уште потешко. Да биде неволјата поголема, изминативе денови температурите се под нулата, па граѓаните смрзнуваат на станиците. А поради студот поголем е и бројот на скопјани кои наместо пеш, на работа одат со автобуси.

-Останува сега на нас превозниците да најдеме решение да се реформираме на одреден начин, да ги послушаме советите што ни се дадени за да се вратиме на скопските улици. Сите препораки беа во насока дека ќе се модеризира јавниот превоз во градот Скопје и ние ќе бидеме вклучени во тој дел, но се зависи и од нас. Ние треба да ги послушаме советите, ќе ги послушаме и ќе се вратиме за многу брзо на скопските улици. Официјално не е ништо договорено, но оти им се дадени насоки и треба да се координираат со колегите за деталите од средбата, но се е позитивно, изјави Јовица Зафировски, претставник  на приватните превозници по средбата со Арсовска.

Тој дополни дека оваа недела ќе имаат најмалку уште еден состанок да ги прецизираат сите работи.

-Но се е позитивно. Штом нам ни одговара ќе одговара и за колегите, рече Зафировски.

Според она што го кажа Зафировски, засега нема ништо од бараната средба со премиерот Ковачевски, што беше еден од условите да нема пак блокади на улиците.

Од своите изјави ретерираше и Арсовска, која велеше дека нема да преговара со уценувачи, па распиша тендер за приватните линии, на кој никој не сејави.

-Верувам дека со приватните автобуски превозници треба да се разговара и за сите проблеми да се најде решение, меѓутоа тоа во ниту еден случај не смее да биде на штета на Градот Скопје, а Градот и скопјани претрпеа сериозна штета од нивните постапки и однесување. Објавивме јавни повици на коешто викавме сите коишто имаат намера и коишто декларативно кажуваат дека и претходно чесно работеле и чесно ја вршеле својата дејност и сега да пристапат кон тоа и да можат да ја работат чесно работата во којашто практично се вложиле себеси или инвестирале за да ја вршат како дејност. Меѓутоа, за жал, никој од нив не се охрабри, не се појави на тој јавен повик, со што сметам дека оваа тема е и затворена, истакна Арсовска.

Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски вчера изјави дека се повлекол од преговорите за да не биде пречка за некаков договор со Арсовска, но очекува исплата на долгот кој го има ЈСП Скопје кон приватните превозници.

 Сепак, Јовановски не верува дека ќе се реши проблемот во скоро време.

-Познавајќи ги потребите и барањата на приватните превозници, и да се реши претпоставувам дека нема да биде во тој формат во кој што очекуваат и се надеваат. Сепак, дај боже да не сум во право, нели нормално. Јас сметам дека во позадина се други интереси и игри и кои ќе ги покаже времето. Ако сега гледаме од тоа како почна и се што се изнесе од страна на градоначалничката која што цело време јавноста ја замајуваше со лаги и ништо од нејзините тврдења не испадна точно, претпоставувам дека сето тоа е со некоја цел. Сигурно некој кога лаже не го прави од забава. Се покажа дека тоа што цело време го зборував е точно. Доста мене ме лажеше и медиумите, сега да видиме дали ќе ги излаже и превозниците, изјави Ленин за „Локално“

Во меѓувреме, откако двете здруженија на приватни превозници го тужеа ЈСП за долгот, во четврток треба да почне судското рочиште за тужбата на „Слобода превоз“. Тие бараат еден милион евра од Град Скопје, поточно од ЈСП.

Треба да знаете
Последни објави