„Ајде ако не, слави да прави“, судијката реагираше што Зеќири си викнал дома доктор без судска дозвола, прати и психијатар за да му се утврди состојбата

Адвокатите на Мухамед Зеќири донесоа психијатар, кој е и вештак, за да образложи дека обвинетиот не е во добра психичка состојба поради што бараа одлагање на рочиштето. Докторот Александар Марцикиќ, пак, без судска дозвола, бил во домот на Зеќири, на што остро реагираше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска. Психијатарот посочи дека состојбата на обвинетиот не е добра, но тоа за судот не е потврда, туку само индиција дека здравјето му е нарушено. Судијката Јанчулева Михаиловска нареди друго вешто лице да го посети Зеќири и да види каква му е состојбата, а откако доктор Марцикиќ кажа дека четири до шест недели обвинетиот нема да може да следи судења.

„Јас бев кај Мухамед Зеќири дома. Јас имав консултација по барање на неговиот адвокат. Прашав дали ми треба дозвола од судот, а тој кажа дека има слободен пристап на луѓе од страна“, кажа докторот Марцикиќ, на што доби укажување од судијката: „Лицата во куќен притвор се под ист режим како лицата во притвор. Само притворот го издржуваат во домашен притвор. За секој медицински преглед се бара дозвола од судот. Ова е преглед од доктор психијатар, судот нема дозвола“.

На ова реагираше Мирослав Вујиќ, адвокат на Зеќири.

„Има забрана за лица вклучени во предметот. Нема друга забрана. Ако му е потребна Брза помош исто треба да се бара дозвола?“, праша адвокатот на што судијката му одговори: „Техничкиот советник не е Брза помош. Ве опоменувам за во иднина за секоја идна потреба за посета од доктор во домашна посета да барате дозвола од судот. Судот треба да биде во тек со здравствената состојба на обвинетиот. Не можете да влегувате кога сакате во домот на обвинетиот. Ајде ако не слави да прави“, реагираше судијката.

По ова, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска бараше повеќе информации од докторот Александар Марцикиќ за состојбата на обвинетиот. Еден од адвокатите на Зеќири бараше да се исклучи јавноста, но судијката беше децидна дека новинарите ќе остнаат бидејќи мора да се знае зошто и кој ги одлага рочиштата.

„Ова што сум го напишал не е теорија. Сум го посетил, сум имал преглед. Мојот впечаток е дека е влезен во депресивна состојба. Има клинички скали за евалуацијата на депресијата. Мојот клинички впечаток дека човекот е во афективна депресија. По начинот на кој одговара, по моториката.. Теоријата ја користам за да кажам за какво пореметување се работи во однос на интензитетот“, кажа докторот.

„Колку би траела таа состојба?“, праша судијката, а докторот одговори: „Минимум време да даде впечатливи тераписки ефекти се 4-6 недели. Тоа и го наведов во извештајот од денот кога почнал да прима терапија“.

Судијката се интересираше дали ќе треба болнички третман на што од докторот кој го прегледал Зеќири без судска дозвола одговори: „Може да се размислува и за болнички третман. Тој ме известува преку ‘Вибер’ дека сопругата е постојано покрај него. Индикација за болнички третман се јасни и евидентни самоубиствени идеи, тогаш се одредува болнички третман. Кај него имаме самообвинување, но не сум забележал дека има самоубиствени мисли и тенденции. Затоа не предложив болничко лекување“.

Докторот беше дециден дека за две недели, за кога е закажано ново рочиште за случајот, Зеќири нема да може да дојде.

„Со ваков наод, сметам дека обвинетиот не е во состојба активно да го следи рочиштето и да учествува во градењето на сопствената одбрана“, кажа докторот.

Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска издаде наредба друго вешто лице да го прегледа Зеќири и да ја утврди неговата здравствена состојба.

„Извештајот претставува само индиција за неговото психичко здравје. Судот ќе издаде наредба до вешто лице од областа на психијатријата за да даде мислење дали обвинетиот Зеќири може да присуствува и да го прати судењето со оглед на дијагнозата, а притоа да се цени и овој психијатриски извештај од доктор Марцикиќ. Се надевам дека ќе добиеме извештај до следното рочиште“, кажа судијката.

Судењето се одложува вторпат по ред. Претходниот пат, кога полицајци тргнаа да го спроведат Зеќири, не успеаја. Ја известија судијката дека тој е во лоша здравствена состојба и дека е повикана Брза помош. Постоеше можност да биде задржан во болница, но сепак, остана на домашно лекување.

Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службена положба и овластување, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за скоро 1,5 милиони евра, кои завршиле во приватни фирми.

Треба да знаете
Последни објави