Search

Дончиќ и Ирвинг ќе бидат соиграчи

Словенечкиот кошаркарски интернационалец Лука Дончиќ и повеќекратниот олстар играч Кајри Ирвинг ќе бидат соиграчи во тимот на НБА-лигашот Далас. Ирвинг ќе ја продолжува кариерата во дресот на Далас, откако газдата на клубот Марк Кјубан успеа да се договори со Бруклин околу размената на играчи. Газдата веќе во неколку наврати најавуваше дека е подготвен за мини-ремонт на тимот со што ќе донесе посериозна поддршка за главната ѕвезда Дончиќ.

Интерес за овој одличен кошаркар искажаа и челниците на ЛА Лејкерс, самиот кошаркар најави дека е подготвен повторно да игра заедно со Леброн Џејмс, но Далас сепак излезе како победник од оваа трка. Според договорот меѓу клубовите, Бруклин ги доби Спенсер Динвиди, Доријан Дини Смит, како и изборот од првата рунда на драфтот во 2029 година што требаше да му припадне на Далас.

Челниците на Бруклин не сакаа да се разделат од еден од своите најдобри кошаркари, но пресудeн беше фактот дека договорот на Ирвинг истекуваше на крајот од сезонава, па „мрежичките“ се најдоа во ситуација да мора да го пуштат да си замине ако сакаат да добијат барем нешто за возврат.

Нема сомнеж дека со доаѓањето на Кајри Ирвинг тимот на Далас сериозно си ги зголемува шансите во борбата за висок пласман. А според информациите од САД, Кјубан не планира да застане тука, туку сака да ангажира уште едно посериозно засилување до крајот на преодниот рок…

Треба да знаете
Последни објави