Search

Утре е роденден на Гоце Делчев, штета што од Циркусот нема да се види Полето

Преземно од Бриф.мк

Утре се одбележува 151 годинa oд раѓањето на револуционерот, визионер и учител, Гоце Делчев. Тој е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896 г.), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Неуморно крстосувал низ селата и градовите во Македонија, како апостол на ослободителното движење, еманципирајќи го народот и подготвувајќи го за борба за слобода. Затоа станал препознаен како врвен идеолошки лидер на организацијата и заштитник на народот.

Бил противник на предвременото кревање на востание, сметајќи дека условите не се созреани и дека од такво востание корист ќе имаат само соседните држави, а народот ќе продолжи да страда.

По неговото убиство, неговите посмртни останки првин се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година, биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Роденденот на визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, утре ќе биде основа за некултурно надмудрување, докажување, убедување и натпреварување на два соседски народи, во секоја смисла на зборот, само не во културна. Се сее страв, немир, потсмев, омаловажување… и уште еднаш, по не знам кој пат, од македонскиот народ се прави непријател, без да има никаква потреба за тоа. Ние сме мирен народ, и ако се најавени гости како што треба, ќе ги пречекаме и ќе ги испратиме цивилизирано и со подароци, но ако гостите уште не дојдени тврдат дека се тепани, што може да направиме за да се спасиме од таа беда?! Истото се однесува и на оние кај нас, кои најмалку го имаат на ум славењето на Гоцета, а најмногу личните политички поени и желбата да бидат видени.

Па, почитувани, ако навистина го сакате и го цените Гоце Делчев, престанете да правите Циркус на денот на неговиот роденден, бидејќи во Полето што тој го виде, од далеку, од Европа, од светот, не се препознава кој е кловн, кој е слон, а кој изведува некоја „платена“ (политичка) точка.

Да, да, можеби не е сè уште платена, но наместена и порачана е сигурно.

Треба да знаете
Последни објави