Search

Работниците во земјава не знаат кои права ги имаат и сè уште не знаат што покрива Законот за безбедност и здравје при работа

Двајца градежници загинале кога врз нив паднал кран на градилиште на кое се градела зграда во Кавадарци, друг смртно настрадал додека управувал работна машина во двор во Србица, електричар починал по пад од бандера на патот Неготино-Дисан… Ова се само дел од црната статистика за настрадани работници лани во земјава, а за жал нивниот број од година во година расте.

Сепак, огромен број работници во земјава сè уште не знаат што покрива Законот за безбедност и здравје при работа, не знаат на кого се однесува и не знаат кои права ги имаат, покажала анализата изработена од Конфедерацијата на слободни синдикати во соработка со Солидарити центар (Solidarity center) – најголемата меѓународна организација за правата на работниците со седиште во САД.

Анализата, која покажува делумна нефункционалност на Законот, беше претставена на денешната финална конференција „Заштита на здравјето и безбедноста на работниците во Македонија„ која е од меѓународен карактер и како што информира претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски следи по претходно одржани низа работилници.

-Под покровителство на Солидарити центар во текот на минатата година во осум сектори, се изработи анализа преку стручно лице Милан Петкоски. Денеска сме тука да говориме за тоа каков е законот дали требаат негови измени, дополни или во насока на тоа што треба да биде направено за поинтерактивно имплементирање на законот. Нашата цел е да ја подигнеме оваа тема на повисоко ниво и да правиме превентивна култура помеѓу работниците и работодавачите, но и институциите на системот кои ја тетираат оваа тема за да можеме и да бидеме поздрави, посреќни, но и работодавачите треба да сфатат дека со подобро третирање на оваа тема ќе имаат попродуктивни и поздрави работници, посочи Ралповски.

Тој појасни дека заклучоците во однос на законот е дека многу малку се имплементира во делот на обуките кои треба да ги имаат работниците.

-Тие се кратки обуки кои не се соодветни за да се упати работникот кои се неговите права во делот на проценката на ризик на работното место, но има некои недостатои кои ги лоциравме што се префрла тежината и кон синдикалните претставници за безбеднст и здравје кои ја немаат таа обука, а со потпишување со изјавата за безбедност ја споделуваат одговорноста со работодавачите, изјави Ралповски.

Авторот на анализата, Милан Петковски рече дека појдовна точка бил токму законот и увиделе дека во државава „работникот гине на работно место, се повредува, професионално заболува“.

-Тргнавме пред се од тоа како се почитува и спроведува законот кој постои од 2007 година во оваа форма во која е денеска и увидовме дека во Македонија работникот гине на работно место, се повредува, професионално заболува. Кога се обидовме подлабоко да видиме зошто тоа се случува тргнавме од еден до оние основни делови на пазарот на труд, а тоа е работникот, истакна Петковски.

Тој изрази надеж дека и државата треба да излезе во пресрет со цел обезбедување европски стандарди и достоинствено работно место за работниците.

Стивен МекКлауд, директор на Солидарити центар изрази задоволство што центарот е дел од иницијативата.

-Од сите нешта кои синдикатите ги прават е да обезбедат дека работниците се враќаат дома безбедни од работното место. Синдикатите се од суштинско значење, меѓутоа е потребно работодавачите, работниците и Владата и синдикатите да се осигураат дека работниците се враќаат безбедно дома. И честопати го користиме примерот со едно столче кое има четири ногарки, едната се работниците, другата синдикатитете, третатата е владата, а четвртата се работодавачите. Доколку една од овие се расипе целиот систем пропаѓа, изјави МекКлауд, кој очекува ваквата иницијатива да придонесе за подобрување на состојбата со работнициите во земјава.

Во светот годишно 2, 8 милиони луѓе ги губат животите заради несреќи или заболувања поради работа.

Според извештајот на Здружението за заштита при работа, во 2021 година се регистрирани над 1.500 потешки повреди на работното место, од кои 30 лица го загубиле животот. Споредено со претходната година тоа е зголемување за 20%, а бројките во Македонија се далеку полоши од европскиот просек. Најризични сектори се градежништвото, рударството и земјоделството.

Треба да знаете
Последни објави