Search

Конгресот со ултиматум до Ердоган: Нема борбени авиони ако Анкара не го ратификува членството на Шведска и Финска во НАТО

Американскиот Конгрес не може да поддржи продажба на борбени авиони Ф-16 на Турција додека официјална Анкара не го ратификува членството на Шведска и Финска во НАТО. Ова во четвртокот го соопштија група сенатори од двете партии.

Шведска и Финска аплицираа за приклучување кон трансатлантскиот одбранбен сојуз минатата година откако Русија ја нападна Украина, но се соочија со неочекувани приговори од Турција и оттогаш се обидуваат да ја добијат нејзината поддршка.

Анкара сака Хелсинки и Стокхолм да заземат поостар став кон Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, но и друга група која ја обвинува за обидот за пуч во 2016 година.

Трите нации постигнаа договор во Мадрид минатата пролет, но Анкара ги прекина разговорите во јануари по протестите во Стокхолм за време на кои екстремно десничарски дански политичар запали копија од Куранот.

Во писмото до американскиот претседател Џо Бајден, 29 демократски и републикански сенатори рекоа дека двете нордиски земји прават „целосни и добри напори“ да ги исполнат барањата за членство во НАТО што ги бара Турција, иако Анкара вели дека Шведска мора да стори повеќе.

„Откако Турција ќе ги ратификува протоколите за пристап во НАТО, Конгресот може да ја разгледа продажбата на борбени авиони Ф-16. Меѓутоа, ако не го стори тоа, ќе ја загрози оваа претстојна продажба“, напишаа сенаторите.

Тоа е првпат Конгресот експлицитно и директно да ја поврзе продажбата на Ф-16 на Турција со барањата на двете нордиски земји да влезат во НАТО.

Турција најави дека можеби ќе го одобри влезот на Финска во НАТО, но финскиот претседател и министерот за надворешни работи ја отфрлија идејата, тврдејќи дека безбедноста на двете нордиски земји е испреплетена. Од 30-те членки на НАТО, само Турција и Унгарија треба да го ратификуваат членството на тие нордиски земји,.

Треба да знаете
Последни објави