Search

Група американски сенатори против продажба на Ф-16 на Турција додека не го одобри проширувањето на НАТО

Американскиот Конгрес не може да ја поддржи продажбата на борбени авиони Ф-16 во вредност од 20 милијарди долари на Турција додека Анкара не го ратификува членството на Шведска и Финска во НАТО, соопштија група сенатори од двете партии.

Шведска и Финска минатата година аплицираа за приклучување кон Алијансата откако Русија ја нападна Украина, но се соочија со неочекувани приговори од Турција и оттогаш се обидуваат да ја добијат нејзината поддршка.

Анкара сака Хелсинки и Стокхолм да заземат поостар став кон Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и Европската унија ја сметаат за терористичка група, и втора група која Анкара ја обвинува за обидот за државен удар во 2016 година.

Трите земји постигнаа договор во Мадрид минатиот јуни, но Турција ги прекина разговорите минатиот месец, по протестите во Стокхолм на кои екстремно десничарски дански политичар запали примерок од Куранот.

Во писмо до американскиот претседател Џо Бајден, 29 демократски и републикански сенатори рекоа дека двете нордиски земји прават „целосни и добри напори“ да ги исполнат барањата за членство во НАТО што ги бара Турција, иако Анкара вели дека Шведска мора да стори повеќе.

– Откако Турција ќе ги ратификува протоколите за пристапување во НАТО, Конгресот може да размисли за продажба на борбени авиони Ф-16. Меѓутоа, ако не се стори тоа, ќе ја доведе во прашање оваа продажба која е на чекање, напишаа сенаторите.

Ова е првпат Конгресот експлицитно и директно да ја поврзе продажбата на Ф-16 на Турција со барањата на двете нордиски земји да влезат во НАТО.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден постојано изјавуваше дека ја поддржува продажбата и одби да ги поврзе двете прашања, иако призна дека ратификацијата на приемот на Шведска и Финска во НАТО ќе го олесни процесот на одобрување на продажбата во Конгресот.

Турција најави дека може да го одобри влезот на Финска во НАТО, но финскиот претседател и министерот за надворешни работи ја отфрлија идејата, тврдејќи дека безбедноста на двете нордиски земји е заемно зависна.

Од 30 членки на НАТО, само Турција и Унгарија треба да го ратификуваат членството на двете нордиски земји.

Во октомври 2021 година, Турција побара да купи 40 ловци Ф-16 од корпорацијата Локхид Мартин и речиси 80 комплети за модернизирање на постоечките воени авиони.

За време на посетата на Вашингтон минатиот месец, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека прашањето на НАТО не треба да биде услов за таа продажба и ја повика администрацијата на Бајден да го убеди Конгресот да се откаже од својот приговор.

Треба да знаете
Последни објави