Search

Џафери на проштална средба со словенечкиот амбасадор Предан

Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари проштална средба со словенечкиот амбасадор во Република Северна Македонија, Н.Е. Милан Предан. Средбата ја започна со искажување задоволство од досегашната соработка со Амбасадата на Република Словенија и заложбата и посветеноста на амбасадорот во текот на неговиот мандат, за време на пандемијата и за целокупното унапредување и збогатување на односите меѓу двете земји, вклучително и на парламентарно ниво.

Претседателот Џафери на средбата стави акцент на долгогодишните билатерални односи меѓу двете држави и динамиката на средби на ниво на претседатели на држави, на влади и на парламенти, како и на ниво на комисии и пратенички групи за соработка, кои се најголемата потврда за взаемната желба за поблиско поврзување меѓу нашите двете земји.

Амбасадорот Предан изрази благодарност за приемот во Собранието на Република Северна Македонија и нагласи дека и тој самиот е задоволен од успешната реализација на неговиот мандат во Република Северна Македонија. Истакна дека Словенија е меѓу најблиските земји пријатели и поддржувачи на Република Северна Македонија во однос на евроинтеграцискиот пат и станувањето полноправна членка на ЕУ, но и како голем инвеститор во земјата од економски аспект. Амбасадорот изрази надеж дека двете земји ќе продолжат да ги негуваат своите меѓусебни односи со несмален интензитет.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг процесот и напредокот на Дијалогот Жан Моне, а се осврнаа и на уставните измени.

На крај, претседателот Џафери му врачи на амбасадорот Предан признание и му посака личен успех и напредок во понатамошниот професионален ангажман.   

Треба да знаете
Последни објави