Search

ССМ: Бесими прави кривично дело со бришење на одредбата за покачување на платите во Министерството за финансии

Сојузот на синдикати смета дека со вчерашното бришење на одредбата за зголемување на платите во Министерството за финансии за 30 проценти, ресорниот министер  Фатмир Бесими свесно прави кривично дело по член 166 од Кривичниот законик.  Укажува дека одредбата за зголемување на платите Бесими сам ја донел и ја бранел и е должен да ја спроведе.

Во пресрет на првото рочиште пред Основниот граѓански суд Скопје, по тужбата на ССМ против државата, односно Владата за дискриминацијата и неусогласување на платите во јавниот сектор согласно Закон, закажано за утре во 10 часот , Синдикатот соопштува дека „судот може да стави крај на самоволието на министерот“.

  -Министерот Бесими со бришење на одредбата за зголемување на плата што самиот ја донесе и ја бранеше, свесно прави кривично дело по член 166 од Кривичниот законик поради тоа што тој свесно не се придржува кон Закон  за платата и надоместоците на платата и со тоа повредува, одзема или ограничува право што на работникот му припаѓа, велат од ССМ во соопштение.

Бесими,  според ССМ, е главната причина поради која 138 000 работници во јавниот сектор заедно со ССМ започнаа генерален штрајк во јавниот сектор токму поради лошите политики и тоа што работници  не го добија услогласување на нивните плати кое им следува согласно Закон.

ССМ прашува „дали Бесими треба да раководи со Министерството за финансии“, особено ако, како што потенцира, пред два дена на јавен настан на Владата го бранеше зголемување на платите за да го задржи кадарот во министерството.  Со вчерашните случувања, посочува Синдикатот, веројатно истиот тој кадар не му е потребен, што произлегува дека брка од работа  повеќе од 650 вработени во Министерството за финансии и на своја рака прави упад во правниот поредок на државата и пременување на законите.

-Шест месеци укажуваме дека односот на одредени владини функционери е недостоен и недостоинствен кон работниците, а Владата како награда кон таквите министри дополнително им дава надлежности кои се спротивни на Закон и меѓународни документи како оние надлежности кои му ги даде  на министерот за финансии Бесими да не дозволува потпишување на ниту еден колективен договор, а токму поради непотпишување на колективните договори сме доведени во состојба Бесими мислењето да го менува од денес за утре, што произлегува дека кој што сака и како сака прави во Владата, а Владата потоа го спасува во услови кога ќе произлезе проблем од таквото однесување, стои во соопштението.

Министрите, дополнува ССМ, спротивно на закон самите одлучуваат и бираат дали ги спроведуваат одредбите  од законите и дали одредени членови ќе ги применуваат или не, па така  на своја рака одлучија дека членот 8 од Законот за минималната плата за усогласување на платите некаде ќе го спроведуваат, а некаде нема, а сега иако донесоа Закон за буџети за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 проценти, одлучуваат да не го почитуваат и да не го спроведуваат законот, па Владата наместо  да го следи добриот пример и за сите работници во јавниот сектор да ги зголеми платите , со вчерашниот чин таа сака да им скрати и да земе од работниците и од нивните плати.

-Ваквите случувања на самоволие и самовластие на овој министер кои што продолжуваат и понатаму треба да бидат доволен аргумент за основаноста на тужбата на ССМ и апелираме судот со своја одлука да стави крај на ваквото самовластие и самоволие на одредени министри како Министерот за финансии Бесими и да престане атакот врз работниците и правниот поредок  и судот да овозможи заштитат на правната сигурност, велат од ССМ.

Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог законот за изменување на Законот за буџети. -Предложените законски измени се во насока на бришење на одредбата за зголемување на платите на вработените во Министерството за финансии за 30 проценти поради, како што е објаснето од страна на Министерството за финансии, неколку причини. Тоа се: неможност од утврдување на специфичноста на работните задачи и посебната одговорност којашто произлегува  од работното место, со цел допрецизирање на законот за буџети и имајќи предвид дека Законот за системот на плати во јавниот сектор е во постапка на донесување, информираше владината прес-служба.

Треба да знаете
Последни објави