Search

Државниот секретар Анчев на отворањето на состанокот на групата за напредно учење на далечина: мораме да ја задржиме ефикасноста на системите за далечинско учење и во состојба на сериозни безбедносни предизвици

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев, денеска во Воената академија го отвори работниот состанок на групата на НАТО за напредно учење на далечина, каде се дискутираа начините за развој на процедури и политики кои ќе овозможат ефикасно напредно учење на далечина и во време кога континентот се соочува со сериозни безбедносни предизвици и отворена воена агресија.„Стоиме исправени пред исклучително сложени безбедносни предизвици кои ни докажаа дека безбедноста на една земја е нераскинливо поврзана со безбедноста на пошироко рамниште. Имајќи ги предвид и новите неконвенционални предизвици, како хибридните и сајбер закани, ширењето на дезинформациите и новите технологии, заклучокот е дека ниту една земја не може самостојно да се справи со нив и дека е потребна силна и интензивна соработка”, рече Анчев. 

Државниот секретар ја поздрави иницијативата за реализирање на ваков тип експертски разговори кои треба да понудат решенија за начинот како системите за напредно учење на далечина да останат функционални и ефикасни, дури и во време кога континентот се соочува со отворен воен конфликт. Во тој контекст, Анчев изрази задоволство од активното учество на претставници на Воената академија во оваа работна група и додаде дека тоа е доказ за капацитетите на Академијата и нејзината посветеност за изнаоѓање на решенија кои ќе имаат сериозен придонес кон зацврстувањето на безбедноста и стабилноста.               

На работниот состанок, освен деканот и претставниците на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, учествуваа и високи претставници на НАТО, претставници од САД, Обединетото Кралство, Холандија, Полска, Финска, Азербејџан и Украина.

 

Треба да знаете
Последни објави