Search

Eгипет на Парондо по продолжетци ја „скршија“ Унгарија за седмо место на СП

Ракометната селекција на Египет заврши на седмото место на Светското првенство во Полска и Шведска. Во последниот ден од шампионатот, „фараоните“ дури по осумдесет минути го скршија отпорот на Унгарија и со победа се одјавија од планетарниот собир (36-35, 28-28).

За разлика од средбата која што се играше за петто место, на која Германија имаше контрола во текот на целиот натпревар, битката за седмата позиција на шампионатот донесе многу поголеми возбудувања. Двете селекции имаа одлично издание само во едно полувреме, па така натпреварот замина во продолженија.

Првото полувреме во целост им припадна на избраниците на Роберто Гарсија Парондо. Египет тргна ефикасно во нападот и носен од расположениот Зеин на пауза замина со предност од шест гола (17-11). Со идентичен резулат заврши и второто полувреме, но овој пат поуспешни и подобри беа Унгарците. Европската селекција од минута во минута го топеше противничкото водство, и во последниот напад се избори за дополнителни минути. Во продолжението се играше гол за гол, со тоа што Египет беше селекцијата која што погодуваше за водство. Херој на „фараоните“ е Санад кој во 80. минута со својот прв погодок го реши победникот на натпреварот и на својата селекција ѝ донесе седмо место.

Зеин со дванаесет гола беше убедливо најрасположениот ракометар на паркетот. За Унгарија, пак, прв стрелец беше Бодо со седум гола.

Треба да знаете
Последни објави