„Во современата цивилизација кон која сите ние се стремиме има сериозна и суштинска разлика меѓу вербалните напади односно таканаречената слобода на говор на која се изложени сите политички општествени личности но и обичните граѓани преку социјалните мрежи и физичкото насилство“ соопштуваат од партијата ВМРО-НП. „Во таа смисла ВМРО-Народна партија осудувајќи го тешкото насилство со сериозни здравствени последици на еден македонски граѓанин во Охрид, кој патем е и секретар на здружение кое ги штити правата на Бугарите во С. Македонија не може да се изначуди на реториката со кои овој настан беше објаснуван во дел на македонските медиуми и портали, но и од поголем број на луѓе кои сакаат да бидат општествено активни. Крајно загрижувачки е тонот со кој се бараат други причини за да се оправда еден брутален насилнички настан, а навистина е трагична тезата дека тепањето било од приватна причина што значи дека според истите тие медиуми впрочем е добро што бил истепан и немале потреба од никаква загриженост“ стои во партиското соопштение.
Оттаму порачуваат „Ако на тоа се додаде и фактот дека сепак нашиот охриѓанец се декларирал и како македонски Бугарин навистина треба гласно да се запрашаме колку многу индоктринирано е македонското општество на антибугарска основа“.