Германија размислува за договор за гасна солидарност со Италија и Швајцарија со цел зајакнување на меѓусебната поддршка во случај на екстремен недостиг на гас, соопшти германското Министерство за економија.Напорите за склучување на тристран договор ги потврди и портпаролот на министерството, велејќи дека министерот за економија Роберт Хабек за тоа разговарал со претставници на швајцарската Влада на форумот во Давос.
Договорот има за цел да ги заштити особено ранливите групи корисници, како што се домаќинствата и социјалните институции, во случај на недостиг на гас.
Откако Русија нагло го намали извозот на гас во најголемата европска економија, Германија веќе склучи такви договори со Данска, Чешка и Австрија, со цел да се избегне паника доколку дојде до криза во снабдувањето.
Сепак, Берлин се соочува со тешкотии да ги убеди своите европски партнери да ги потпишат овие договори. Покрај тоа, весникот „Ди Велт” ги истакнува и проблемите околу компензацијата што државата ќе треба да ја плати на германските компании за експропријација на нивниот гас, кој би им се отстапил на земјите партнери.