Главната пакистанска опозициска партија, Пакистанското движење за правда (ПТИ), предводена од поранешниот премиер Имран Кан, денеска го распушти локалниот парламент во провинцијата Кибер Пахтунхва, зголемувајќи го притисокот врз владата да распише предвремени парламентарни избори низ целата земја.
Гувернерот на Кибер Пахтунхва, Гулам Али изјави дека ја прифатил оставката на локалната власт, додавајќи дека „нема друга опција”.
ПТИ пред три дена го распушти и локалниот парламент во провинцијата Пенџаб, каде што исто така беше на власт.
Според законот, новите избори во двете провинции мора да се одржат во рок од 90 дена, а ПТИ се надева дека Владата ќе мора истовремено да организира парламентарни избори пред истекот на рокот.
Редовниот термин за парламентарните избори во Пакистан е октомври 2023 година, а Кан уште од април 2022 година бара нивно предвремено одржување, кога му беше изгласана недоверба во Парламентот како премиер.
Новиот пакистански премиер Шабаз Шариф не прифаќа предвремените парламентарни избори.
Пакистан има четири провинции, а повеќе од половина од населението на земјата од 220 милиони живее во провинциите Пенџаб и Кибер Пантунква.