Цврсто веруваме во важноста на Охрид поради неговата исклучителна природна убавина и извонредното културно наследство. Но, истовремено ни е јасно дека Охрид треба да биде град што ќе нуди можности и вработување посебно за своите најмлади граѓани. Тоа го истакна шефот на делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, кој заедно со амбасадорите на земјите членки на Унијата во земјава денеска се во посета на Охрид, каде одблиску се запознаа со реализацијата на повеќе проекти финансирани преку програми на Европската унија.
Токму поради тоа, нагласи Гир, соработуваат со сите категории, властите на централно и локално ниво, граѓанските организации и бизнис секторот за, како што рече, да дадат што повеќе можности во Охрид.
– За да се осигураме дека Охрид успева да ја исполни обврската да го заштити своето изонвредно природно и културно наследство заедно со УНЕСКО, а исто така да биде и град каде ќе има можност за живот, изјави Гир по презентацијата на проектот Касарна – Хаб, простор кој нуди повеќе можности за граѓаните.
Изрази задоволство што ЕУ поддржала физибилити студија со која ќе се утврди на кој начин касарната ќе може да им овозможи услуги на граѓаните.
– Ова е јавен простор и треба да се осигураме дека јавните простори се користат и граѓаните имаат пристап до нив и можат да ги уживаат. Втората работа е иновативноста, има многу луѓе во градот и земјата, кои имаат одлични идеи како може ова да стане по конкурентно да се отворат нови работни места и сакаме да им дадеме простор да ги реализираат и развијат тие идеи, истакна евроамбасадорот.
За него многу важно е да се слушне и ставот на локалното население.
– Локалците најдобро се запознаени со своето опкружување и можат да дадат најдобри насоки, како може да се искористи тоа на најдобар начин. И затоа ни е особено важно што сме тука во Касарна – ХАб, центар кој е отворен минатиот јули, но веќе станува лидер во однос на работите што ги прави за заедницата, рече Гир, изразувајќи надеж дека локалните власти заедно со граѓанското општество, бизнисите и младите, заеднички ќе соработуваат, ќе се спојат за од овој центар да направат успешна приказна.
Шефовите на мисии на ЕУ, претходно го посетија Националниот парк „Галичица”, каде надлежните им го претставија процесот на реализација на проекти финансирани од ЕУ, а погледнаа и презентација од опремата и работата на планинската спасителна служба на Црвениот крст – Охрид поддржана од ЕУ.
Амбасадорите имаа средба и со градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, на која како што
информира градоначалникот, биле запознаени со тековните и идни проекти кои би можеле да бидат поддржани од Унијата.
– Како најзначаен проект беше изградбата на канализациски систем и пречистителна станица за отпадни води во село Трпејца. Пред присутните амбасадори имав чест да ги презентирам нашите ангажмани во изработка и реализација на проектите меѓу кои се зачувување на автентичниот изглед на централното градско подрачје за кое имаме предвидено унифицирана урбана опрема, за што веќе се предвидени финансиски средства во буџетот на Општина Охрид. Ги запознав и со постапката за реконструкција на плоштадот „Чинар” и со изработката на проектот за реконструкција на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски”. Целта на овие проекти е враќање на некогашниот препознатлив и специфичен лик на градот, истакна Пецаков.
Тој ја презентирал и визијата на локалната самуоправа за намалување на сообраќајот во централното градско подрачје, за што имало проекти за проширување на мрежата на велосипедски патеки, а во завршна фаза било прибирањето на потребните одобренија за изградба на катна гаража.
– Ги запознав амбасодорите и со проектите за уредување на просторот од некогашната касарна „Михајло Апостолски” каде имаме предвидено реализација на централен парк и зона за прошетка и рекреација на граѓаните. Во проектот е вклучено и реконструкција на постојните објекти. Презентирана беше и нашата активност за дислокација на допонијата „Буково”, како и проектите за изградба на нова канализациона мрежа вдолж сливното подрачје на Охридското езеро и за изработка на проекти за водоснабдување на приградските и рурални средини во Охрид, со што би се решил долгогодишен и горлив проблем, соопшти Пецаков.
Во делот на заштитата на Охридското Езеро кажа дека биле завршени преговорите со компанија од земја членка на ЕУ, која ќе инвестира во Охрид во производство на пловни објекти на сончева енергија, електрични мотори и мотори на сончева енергија наменети за пловните објекти.
Охридскиот градоначалник ги запознал и со заложбите на Општината за зачувување на статусот од УНЕСКО преку конкретни проекти, како работење на Планот за управување со Охридското сливно подрачје и заложбите за носење на нов Генерален урбанистички план кој ќе биде во согласност со Планот за управување на Охрид.
Посетата на Охрид амбасадорите ја завршија со работен ручек со претставници на граѓанското општество и кратка обиколка низ Охрид.