Светиот крст во Охрид ќе се фрла од градското пристаниште, ако дува ветер чинот на осветување ќе биде од брод

Охрид, 17 јануари 2023 (МИА) – Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен в четврток во 10 часот од градското пристаниште, но доколку дува силен ветар, како што се најавите на метеоролозите, светиот чин ќе се одвива од бродот „Армада”, соопшти Општина Охрид по денешниот координативен состанок на Организацискиот одбор.

Според соопштението, останатите пловни објекти ќе бидат отстранети од пристаништето, а закотвени ќе бидат само бродовите „Армада” и „Македонија”.

Капачите, кои сакаат да бидат дел од настанот, нивното учество можат да го пријават во сите парохиски цркви во градот најдоцна до утре до доцните попладневни часови.

В четврток, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 7 часот. За црковниот дел на настанот е задолжена Дебарско-кичевската епархија, а позади целосната организација на граѓанскиот дел со пропратната програма стои Општина Охрид.

– По чинот на Богојавленскиот водосвет, со почеток во 12 часот на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски”, предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Чалгија саунд систем”. Во организација на Црвен Крст, од девет до 15 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во центарот за култура „Григор Прличев”, соопшти Општина Охрид.

На Водици, паркингот во Охрид ќе биде бесплатен, а ќе биде забрането паркирање на улицата „Македонски Просветители” до плоштадот „Свети Климент Охридски”.

Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, ќе продолжат и на 20 јануари на Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште” и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.

Охридските нуркачи изминатиот викенд го исчистија дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се одвива положувањето на светиот крст. Се реализираа и активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро.

Треба да знаете
Последни објави