Високите европски резерви на гас го одржуваат цврст ставот на ЕУ против Москва. Неочекувано благата зима досега во Европа го лиши Владимир Путин од многу важно оружје на кое сметаше оваа година за да ја ограничи поддршката за Киев. Релативно топлите температури, исто така, ги задржаа високите резерви на природен гас во Западна Европа.
Онаму каде што на почетокот на кризата во Украина, САД и Велика Британија – независни од рускиот природен гас – зазедоа најостар став против Русија, а Европската Унија и особено Германија стравуваа од многу тешка зима 2022-2023 година, работите испаднаа поинаку.
Се сметаше дека европските лидери, чувствувајќи внатрешен притисок, би можеле да инсистираат на олеснување на санкциите или да посредуваат за мир под услови поволни за Москва.
Оваа година, меѓутоа, „Генерал Зима” не е на страната на Русија, за разлика од минатото. Тоа може да се види не само на бојното поле, каде што Украинците извојуваат големи победи со ослободување на територијата што Русите ја зазедоа во првата половина на војната, туку и во резервите на природен гас на европските земји, кои се многу повисоки од оние кои беа планирани во европските престолнини.
„Русија сметаше на студена зима што ќе ја ‘вразуми’ Европа и ќе ги убеди граѓаните низ континентот дека поддршката за Украина не вреди колку дупката во нивните паричници”, објаснува Кир Џајлс, виш советник во американскиот тинк-тенк Четам хаус.
За високите резерви, секако, придонесе и внимателната диверзификација на изворите за снабдување со гас што европските власти ја прават со месеци, значително намалувајќи ја зависноста на централноевропските држави од рускиот гас. Уцените на Путин преку инструментализацијата на зимата се чини дека не поминуваат.
Адам Бел, поранешен функционер за енергетика на Обединетото Кралство, вели дека топлата зима „ѝ даде време на Европа”. Постудениот декември и јануари би изел голем дел од европските резерви на природен гас, што би можело да доведе до сериозен недостиг, вели Бел.
Свртување кон енергетската политика
Тој, сепак, предупредува дека едноставното складирање гас не е доволно. „Потребно е да се работи повеќе на ефикасноста. На домовите и на деловните субјекти им требаат згради кои трошат помалку енергија преку изолација. Компаниите мора да ги променат своите производни процеси за да станат независни од природниот гас”.
Можеби инвазијата на Украина е катализаторот што ѝ требаше на политиката за животната средина на Европската Унија. На среден рок, Европа сега има можност да спроведе некои од промените во моделите на потрошувачка на енергија кои се покажаа политички тешки. Приговорите за обновливите извори на енергија, како што се фармите со ветерници и критиките за цената на политиките за нула влијание на животната средина, сега се гледаат во ново светло кога вистинските трошоци и нестабилноста на увезениот гас се поочигледни.
„Владите би можеле да направат повеќе за да го поттикнат и забрзаат развојот на обновливите извори на енергија”, вели Џон Спрингфорд, заменик-директор во Центарот за европски реформи.
„Голем чекор би бил да се даде зелено светло на eнергијата од ветер. Исто така, би било мудро владите да изградат капацитети за складирање течен природен гас (ЛНГ), што може да се случи прилично брзо и директно ја намалува потребата за руски гас”, истакнува Спрингфорд.