За многу векови Василица

Пред да се случат климатските промени зимата беше зима, а летото лето. Стабилни, наизменични  циклуси на топло, сончево време, кога се случува изобилство во природата и студена, снежна зима – снегови, мразови и мрачно небо, кога треба да се седи дома и да се издржи до наредното лето. Можеше да се планира, постоеше предвидливост на работите и појавите и прекрасен космички поредок и рамнотежа. Сега, се менуваат работите. Ни летото е лето, ни зимата – зима. Светот се преврте ничкум.

Словените имаат своја визија и претстава за светот и векот и рамнотежата во него – Дрвото на светот (на животот), огромниот даб ја вдомува сета вселена. Во крошната е живиот свет, овој свет каде што сме ние, каде што се небесата. На врвот на крошната стои Перун и го чува својот домен, неговото царство. Молњите му се оружјето, на рамото му стои орел. Многумина од Словените го доживуваат Перун како врвен бог, барем на овој свет, громовникот кој е горе, во ведрото небо и на суво и топло.

Во корењата на Дрвото е оној свет, таму е царството на Велес. Тој е поврзан со рогатата стока, со музичарите, со плодноста, магијата и по некоја измама. Тој е змеј и господар на хаосот, неговото царство е под земја каде што е влажно и темно, но во неговиот свет не е непријатно, напротив, полно е со фантастични суштества, а таму се и починатите.  Велес помага во ловот, Велес обезбедува плодност, но Велес исто така сака да го наруши космичкиот поредок и рамнотежа и да го освои овој свет – светот на Перун.

Периодично, Велес тргнува нагоре по корењата на Дрвото на светот и го предизвикува Перун на бој. Велес ја нарушува рамнотежата, го предизвикува поредокот на работите и се обидува да го заземе местото на Перун кој со неговите молњи го брка Велес по целиот свет и го враќа назад во подземјето. Перун го враќа назад поредокот во светот и повторно ја воспоставува рамнотежата – летото е лето, зимата е зима.

По Перун е наречена Пирин планина, по Велес – градот Велес.

Христијанството и словенските богови, не започнале меѓусебна војна до истребување во ерата кога дошле во контакт. Впрочем, позната е словенската симбиоза – процес при кој Словените наместо да ги уништат затекнатите култури при нивните освојувања, повеќе биле склони да ги додадат на својата и да направат нов културен амалгам кој ќе ги задоволи сите страни во процесот. Така и со христијанството (а така и со исламот „богами“) најден е начин да се овозможи заедничко постоење и славење и на двата религиски концепти – словенскиот политеизам и христијанскиот монотеизам. Компромисот е најден во тоа што Перун станува Свети Илија, но си ги зачувува молњите и громовите, а и целото небо останува негово и на неговата огнена кочија.

Велес некаде станал Свети Влас, некаде Свети Василиј, но си ги зачувал коледарите и василичарите, бабарите и суроварите. Впрочем негова е Василица и некрстените денови меѓу Божик и Водици. Тие некрстени денови му се оставени за да можат сите хтонски суштества од неговото подземно царство да нè посетат уште еднаш, да се обезбеди плодност на стоката, а и на луѓето. Заедницата да ја преброди темната и студена зима.

Карневалите се исклучително важни за заедниците во кои се случуваат и најчесто се поврзани со промената на годишните времиња и календарските години. Го зацврстуваат чувството на припадност кон заедницата и барем за момент ги бришат социјалните разлики во неа, овозможувајќи весело, пијано, ритуално и еротско обединување на луѓето. Најбитно од сè, зачувуваат еден дел од човековата култура кој успеал да ги преживее новите норми и табуа кои доаѓале со новите религиски и социјални системи. Ако културата е способност на еден вид да пренесе порака во иднината, кон идните генерации, тогаш мораме коледарските обичаи, Василица со Василичарите, Ѓурѓовден, Митровден, да ги оставиме живи се додека има луѓе на кои им се битни и кои ги доживуваат како составен дел од нивниот светоглед.

Кај сите големи религиски системи може да се забележи порив да се исчисти просторот од вакви стари пагански, многубошки изблици. Но, тоа е воведување на хегемонија врз чувствата и ограничување на слободата, вид на присилно менување на идентитетот дури. Се почесто и лаичките власти го потхрануваат овој порив станувајќи дел од и поддржувачи на чистите „вековни“ обреди на кои некако чудесно, никој нема детски спомени. А, приказната за Перун и Велес ни пренесува сосема поинаква порака и наравоучение, за да постои рамнотежа во космосот и да може да стои исправено и цврсто Дрвото на светот, тој вековен даб, мора да постои и вечната борба на различностите: за зимата да е зима, а летото – лето.

Пишува: ВАСКО ЛАЗАРЕВСКИ

Текстот е личен став на Авторот.

Треба да знаете
Последни објави