Принцот Хари тврди дека немал намера да му наштети на британското кралско семејство со својата автобиографија, но се чини дека нејзината експлозивна содржина го прави помирувањето речиси невозможно. „Би сакал татко ми да се врати, би сакал мојот брат да се врати“, рече тој во интервју за британскиот ТВ-канал Ај-ти-ви пред објавувањето на своите мемоари Spare („Резерва“) и додаде дека е 100 отсто убеден дека помирувањето е можно.
Но, никој, вклучувајќи го и Хари, не е поштеден во драмата што следи по објавувањето на книгата.“
Во своите мемоари, Хари признава дека адолесценцијата ја одбележале дрогата и алкохолот, а поради одлуката да ѝ ги открие на јавноста семејните тајни, неговата популарност во татковината е во остар пад. Многу мастило е потрошено и во нападот на неговиот татко кралот Чарлс, маќеата Камила, братот Вилијам, и снаата Кејт.
„Чарлс треба да биде крунисан за крал на 6 мај, но навистина не гледам како би било можно семејно помирување“, изјави за АФП Полин Макларен, професорка на лондонскиот универзитет „Кингс Холовеј“ и автор на книга за монархијата.
„Тој изнесе толку многу работи кои се очигледно навредливи за членовите на семејството, лични детали што многумина сметаат дека не требало да ги објави во јавноста“, вели професорката.
„Ако тој имаше барем малку емпатија или сочувство, што би требало да биде основата на фондацијата „Арчивел“ (која Хари ја основа со сопругата Меган Маркл), тоа некако се изгуби во сето ова“, додаде таа.
Хари откри дека татко му не го прегрнал кога му кажал дека мајка му Дијана починала, кога тој имал само 12 години, туку го оставил сам во својата соба.