Капитенот на аргентинската репрезентација Лионел Меси го освои признанието за најдобар фудбалер во 2022 година во традиционалниот годишен избор на Меѓународниот институт за фудбалска историја и статистика (ИФФХС) со седиште во Цирих.
Меси, кој минатиот месец ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство во Катар, убедливо го понесе признанието на ИФФХС со 275 бодови, пред францускиот репрезентативец Килијан Мбапе (35 бодови) и неговиот сонародник Карим Бензема (30).
Претходната сезона за најдобар фудбалер во изборот на ИФФХС беше прогласен Полјакот Роберт Левандовски.
За најдобар голман е прогласен Тибо Куртоа (Белгија, 125 бодови), додека признанието за најдобар млад фудбалер му припадна на Џуд Белингем (Англија, 115).
Во другите категории, најдобар стрелец е Мбапе, додека Меси е најдобар стрелец во конкуренција на меѓународни натпревари.